Шефот на српската дипломатија, Ивица Дачиќ изјави дека добил информација од српскиот тим во Вашингтон, дека претседателот на Србија, Александар Вучиќ, брутално ја отфрлил Точката 10, што се однесува на меѓусебно признавање на Србија и Косово.
„Вучиќ јасно им стави до знаење на своите соговорници дека т.н. меѓусебно признавање е апсолутно неприфатливо“, рече Дачиќ.
„ Точно е дека документот со сите овие предлози и Точката 10 бил на преговарачката маса, што според информациите што ги добив од највисокото ниво на делегацијата во Вашингтон, беше брутално одбиено“, рече Дачиќ како гостин на ТВ Пинк.
Тој додаде дека документот со точката 10 никогаш претходно не им бил презентиран, туку само оној за економски теми.
„ Вучиќ неколку пати рече дека сакаме компромис, но тие очигледно мислат дека треба да го признаеме Косово. И претходно се зборувало за економија и ние сакаме да учествуваме во тоа, но ако постои желба да се стави формулацијата за меѓусебно признавање преку скриена агенда, тоа нема да биде можно“, рече шефот на српската дипломатија.
Тој исто така вели дека американската администрација отсекогаш прифаќала ваква формулација, но не и Европската унија.
„ Рековме дека ова е неприфатливо за нас и дека ако некој не се согласува со тоа, тогаш нема договор“, додаде Дачиќ.