Утрински Весник
Свет

Новиот норвешки сателит за надзор ќе открива „невидливи“ бродови

Новиот норвешки сателит за надзор ќе открива „невидливи“ бродови

Норвешка тесно соработува со САД за развој на сателити за поморски мониторинг. Новите сателити треба да можат да детектираат бродови кои активно се обидуваат да избегнат да бидат забележани, пренесува норвешкиот национален радиодифузер НРК.

Норвешкиот сателит за надзор Норсат-3, кој есенва ќе биде лансиран од Француска Гвајана во Јужна Америка, ќе обезбеди клучна поддршка на крајбрежната стража и на управувањето со кризи.

Уникатна карактеристика на Норсат-3 е тоа што тој, за разлика од неговите претходници, не зависи од приемот на сигналите АИС од бродовите за нивно откривање туку се потпира на радарско откривање.

АИС е систем за автоматско следење што користи примопредаватели на бродовите и се користи од услугите за сообраќај на пловни објекти (ВТС). АИС обезбедува информации за идентитетот, положбата и курсот на бродовите, но може да биде исклучен или намерно наместен да покажува погрешни податоци.

Затоа, се вели дека „Норсат-3“ може да открие бродови кои активно се обидуваат да избегнат да бидат откриени, со што се обезбедуваат подобрени можности за надзор за следење на бродскиот сообраќај во територијалните води на Норвешка.

„Секој вид инструмент придонесува со малку поинакви слики така што колку повеќе технологии имаме, толку поцелосна ќе биде сликата“, изјави за НРК, Ричард Олсен, раководител на истражување во Норвешкиот институт за истражување на одбраната (ФФИ), опишувајќи го сателитот како релативно евтина помош за дневните операции на вооружените сили.

За да се заштитат од прислушување преносите меѓу сателитите и станицата за прием во Вардо, Северна Норвешка,  тие ќе бидат шифрирани. Во Норвешка моментално има четири АИС сателити и сите испраќаат податоци до оперативниот штаб на вооружените сили во Бодо 15 пати на ден. Портпаролот на вооружените сили, Ивар Моен, посочи дека тие се многу важни.

Норвешка веќе работи на наследникот на сателитот, Норсат-4, кој се очекува да биде лансиран за две години. Новиот сателит го развиваат ФФИ и Норвешкиот вселенски центар во тесна соработка со американската војска.

Норсат-4 ќе користи специјално развиена напредна камера која ќе може да фотографира бродови на растојание до 600 километри, дури и за време на мрачниот период од годината на далечниот север.

Извор: makfax.mk

Можете да прочитате

Путин загрижен за безбедноста на Трамп: Се надевам дека ќе биде внимателен

Сибирски студ во Централна и Источна Турција со температури 20 степени под нулата

Руската армија незапирливо напредува: паднаа уште две важни места на рутата Донецк