Судењето на осомничените поврзани со нападите во јануари 2015 година врз сатиричното списание „Шарли ебдо“ и кошер супермаркетот во регионот на Париз, конечно почнува денеска во Франција, пренесува „Спутник“.
Судот ќе испитува каква улога можеле да играат 14-те обвинети во организирањето на тридневното убивање во кое загинаа 17 лица, а десетина други беа повредени во Париз и во предградието на Сан Дени.
Судскиот процес се очекува да трае два месеци, во текот на кои ќе бидат сослушани сведочењата на жртвите и на нивните најблиски, а осомничените ќе бидат испрашувани. „Шарли ебдо“ има резервирано место на судењето, според видеото на Министерството за правда за подготовките за значајниот правен процес.
Списанието објави на Твитер дека ќе ги препечати карикатурите на пророкот Мухамед кои беа причина за крвопролевањето.
Антитерористичкиот обвинител на Франција, Жан-Франсоа Рикар, изјави за „Франс инфо“ дека неговиот кабинет сè уште не ја знае вистината за многу работи и повеќе од пет години по трагедијата.
Напаѓачите – браќата Куачи и Амеди Кулибали – беа убиени само неколку минути по полициската потрага на национално ниво. Се верува дека осомничените на кои ќе им се суди, ѝ обезбедиле на тројката самопрогласени борци на терористичката група ИСИС оружје, пари и друга поддршка.
Тројца од обвинетите се сметаат за мртви и ќе им се суди во отсуство. Станува збор за партнерот на Кулибали, Хајат Бумедиен и браќата Белусин, за кои се верува дека побегнале на териториите контролирани од ИСИС пред нападите.