Говорејќи од Абу Даби по слегувањето на првиот директен израелски лет кон Обединетите Арапски Емирати во понеделникот попладне, високиот советник на Белата куќа, Џеред Кушнер, ги поздрави новите односи помеѓу ОАЕ и Израел што неговата земја ги посредуваше и ги критикуваше Палестинците дека не прават повеќе во име на мирот, пренесува „Брејтбарт“.
„Не можеме да сакаме мир повеќе отколку што тие сакаат мир. Кога ќе бидат подготвени, целиот регион со задоволство ќе им помогне да се придвижат напред. Но, тие не можат да бидат заглавени во минатото“, рече тој.
Советникот на Белата куќа остро ги нападна Палестинците за отфрлање на планот на Трамп за мир уште пред тој да биде претставен во јануари.
„Одредени луѓе од некаква причина сакаат поделба и статус кво “, рече тој.
Прашан за израелските планови за анексија што сега се на стендбај, Кушнер рече дека Израел сега ќе биде фокусиран на односите со ОАЕ.
„Мислам дека со тек на време тоа ќе го направи мирот со Палестинците многу поверојатен. Израел се согласи да ги одложи своите планови за примена на суверенитетот на Западниот Брег како дел од договорот со ОАЕ, но претседателот Трамп сака да ги остави отворени своите опции“.
„Планот е суспендиран за да можеме да се фокусираме на нормализирање на односите со арапскиот свет, но мировниот план на Трамп е оперативен глобален документ за тоа како да се постигне мир. Им дава на Палестинците сè што некогаш побарале“, вели Кушнер.
Предлогот вклучува суверенитет затоа што е јасно, во контекст на каков било договор, дека Израел нема да се откаже од таа територија на која живеат Израелци.
„САД мораа да бидат сигурни дека безбедноста на Израел е заштитена. Признавањето на Ерусалим како главен град на Израел и дозволувањето на идното признавање на израелскиот суверенитет врз големи делови на Западниот брег ќе ги тргне овие провокативни прашања од маса“, рече тој.
Кушнер му се заблагодари на саудискиот престолонаследник, Мохамед бин Зајед, за кого рече дека навистина го води новиот Блиски Исток.
Тој исто така ја пофали Саудиска Арабија што му дозволи на израелскиот авион на „Ел Ал“ да лета над нејзиниот воздушен простор. На авионот беше испишан зборот „мир“ на арапски, хебрејски и на англиски јазик. На прекривките на седиштата во авионот пишуваше „Правиме историја“ на сите три јазици.
Палестинското раководство во понеделникот со револт реагираше на историскиот лет, повторно обвинувајќи ги ОАЕ за забодување нож во грбот на палестинскиот народ. Премиерот на Палестинската самоуправа, Мохамад Штајеј, изјави дека Палестинците со болка гледале како израелски авион слета во ОАЕ, велејќи дека станува збор за јасно и бесрамно кршење на арапската позиција во врска со арапско-израелскиот конфликт. Тој изрази надеж дека авион од Емиратите ќе слета во ослободениот град Ерусалим, под палестинска власт.
„Но, ние живееме во тешката арапска ера“, заклучи палестинскиот премиер.
Тој ги пофали некои арапски држави што одбија да ги нормализираат своите односи со Израел. Мароко и Саудиска Арабија експресно изјавија дека во моментов нема да воспостават формални врски со Израел.
„Арапите го спречија неодамнешното патување на американскиот државен секретар Мајк Помпео, и покрај притисокот извршен врз некои арапски земји,“ рече Штајех.
Висок функционер од владејачката партија Фатах, Монир ал-Јагуб, рече дека овој потег ќе ги запише ОАЕ на црните страници на арапската историја.
„Секој што ќе ја предаде Палестина и ќе склучи сојуз со окупаторите, ќе заврши на ѓубриштето на историјата“, рече ал-Јагуб.