Рускиот опозициски блогер, Јегор Жуков, бил претепан синоќа во Москва, а, според информации од неговите соработници, напаѓачите успеале да избегаат.
Дваесет и двегодишниот Жуков, на кого му се судеше за екстремизам во 2019 година, бил нападнат во близина на неговата куќа и претепан, изјавија неговите соработници кои објавија фотографии од младиот човек, со модринки и раскрвавена уста.
Според истиот извор, Жуков бил нападнат од две лица кои потоа побегнале.
По големите протести на опозицијата во Москва во текот на минатата година, Жуков беше уапсен и обвинет за организирање масовни немири, по што граѓанското општество застана во негова одбрана.
Тој доби три години условна казна и забрането му е да води интернет страници и платформи, па активностите ги водат негови соработници.
Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков соопшти дека полицијата го истражува нападот.