Утрински Весник
Економија

Заев на средба со стопанските комори: Уште од првиот ден покажуваме дека економијата ни е приоритет

Заев на средба со стопанските комори: Уште од првиот ден покажуваме дека економијата ни е приоритет

Премиерот Зоран Заев заедно со министрите задолжени за економските ресори денеска, на првиот ден од својот мандат, имаа средба со претставниците на стопанските комори во земјава.

Веднаш после средбата, премиерот Заев истакна дека пред деловните луѓе испратиле порака за предвидливост во периодот што претстои.

„Најавуваме стабилен период без предвремени парламентарни избори, четиригодишен период кој е многу значаен за домашната економија, која ќе може да планира динамичен раст и развој, идни инвестициони и нови економски активности на бизнис секторот“, рече Заев.

Порача и дека даноците ќе останат стабилни, но додаде дека и во случај на намалување на даноците, секогаш ќе има период на дискусија, дебата и разговори односно период за подготовка на македонската економија.

Заев најави и следни пакети на мерки за коронакризата во текот на есенскиот и зимскиот период, кои, како што рече, ќе бидат димензионирани заеднички со коморите за да се максимизираат сите ефекти.

„Значајно ми е да потврдам, дека јас лично како претседател на Владата, економист кој доаѓа од деловниот сектор во минатите две и пол години колку што имав чест да ја водам македонската Влада, научив многу од соработката со коморите, која е на заедничка полза на бизнис секторот, на работниците, извозот, бруто домашниот производ на државата, а секако и политички и за Владата. Тоа искуство ќе го користиме и во периодот што следи за да можеме уште попосветено да работиме, да соработуваме и да учиме од самите проблематики со кои се соочуваат коморите, со цел брзо решавање, надминување и мултиплицирање на поддршка на Владата со стопанството“, нагласи премиерот.

Заев истакна и дека ако правниот систем биде европски и стегнат, дефинитивно и економијата ќе биде мобилизирачка и посилна, а во поглед на пописот најави дека останува определба за првото полугодие од 2021 година.

Покрај Заев, на средбата со претставниците од стопанските комори учествуваа и Фатмир Битиќи – вицепремиер задолжен за економски прашања, Фатмир Бесими – министер за финансии, Крешник Бектеши – министер за економија, Арјанит Хоџа – министер за земјоделство, шумарство и водостопанство, Јагода Шахпаска – министерка за труд и социјална политика, Благој Бочварски – министер за транспорт и врски, Насер Нуредини – министер за животна средина и просторно планирање и Венко Филипче – министер за здравство.

 

 

Извор: Makfax

Можете да прочитате

Петрушевска до опозицијата: Седум години покажувавте огромна негрижа, а сега зборувате за социјална правда

„Сакам да работам“ до ДУИ и ВЛЕН: Дали вашата политичка војна треба да остави 10 илјади луѓе без работа

Демант од Групација на небанкарските финансиски друштва при Стопанската комора на Северна Македонија