Американскиот претседател Доналд Трамп му се обратил на семејството на Џејкоб Блејк и сака да разговара со нив кога ќе отпатува за Кеноша, Вискосин, во вторник изјави во недела неговата снаа, пренесува „Њујорк пост“.
„Тој се обиде да стапи во контакт семејството Блејк. Не знам дали успеа во тоа. И не знам со сигурност дали е тоа на агендата, но сигурна сум, со оглед на дадената можност, дека тој ќе биде повеќе од среќен да го стори тоа. Но, сè уште немам информации за тоа“, рече Лара Трамп во интервју за „Фокс њуз сандеј“.
Лара Трамп, која е во брак со синот на Трамп, Ерик, рече дека намерата на нејзиниот свекор е да покаже дека се грижи за секој Американец.
Но, адвокатот на семејството, Бенјамин Крамп, рече дека семејството Блејк не било контактирано од тимот на Трамп. Сепак, тој посочи дека тие би биле подготвени да се сретнат со претседателот.
„Семејството Блејк во овој момент не е контактирано. Тие имаат почит кон сите наши избрани службеници и, како што рече неговата мајка, таа се моли за сите наши избрани службеници. Па ќе видиме “, рече Крамп за „Си-би-ес њуз“, истакнувајќи дека кандидатот за претседател на Демократската партија, Џо Бајден, и сенаторката Камала Харис, неговиот кандидат за потпретседател, веќе разговарале со семејството минатата недела.
Блејк (29) беше застрелан седум пати во грбот од полицијата во Кеноша на 23 август и останува парализиран од половината надолу и покрај повеќе операции.
Во меѓувреме, заменик-директорот на кампањата на Бајден го обвини Трамп дека цело лето се обидува да поттикне насилство .
„Тој во секоја можност се обидуваше да го разгори огнот тука и тоа е причината зошто живееме во Америка на Доналд Трамп. Тој се обидува да поттикне расправија за Америка на Џо Бајден, укажувајќи на работите што се случуваат во Америка на Доналд Трамп “, рече Кејт Бедингфилд кусо време по Лара Трамп на „Фокс њуз сандеј“.
Таа ја нападна и Лара Трамп затоа што изјавила дека Бајден предоцна го критикувал насилството што се случува во некои американски градови за време на протестите по смртта на Џорџ Флојд во полициски притвор.
„Тоа апсолутно не е точно“, рече Бедингфилд, додавајќи дека поранешниот потпретседател го осуди насилството непосредно по смртта на Флојд во мај.
„Дел од причината зошто сме во состојба на хаос во оваа земја е што Доналд Трамп не успеа да води во ситуација на коронавирус, тој не го сфати сериозно проблемот од самиот почеток и не беше обединувач, не успеа да води. Трамп цело ова лето се обидуваше да поттикне насилство “, рече таа.