Турското Министерство за одбрана објави дека со пресретнување се отстранети шест грчки воени авиони Ф-16 кои се приближиле кон зоната во источен Медитеран. Во тој дел, Анкара започна со истражување на природни ресурси.
Во соопштението се вели дека радарските системи на турското воено воздухопловство во петокот регистрирале шест грчки авиони Ф-16 кои летале од островот Крит во правец на јужниот дел на Кипар. Турското воено воздухопловство ги пресретнало и отстранило грчките авиони југозападно од Кипар, во областа што Турција ја прогласи за истражувачка зона, пренесува Ројтерс.
„Турските поморски и воздушни сили продолжуваат да ги штитат нашите права и интереси на истокот на Средоземното море со апсолутна решителност“, се вели во соопштението.
Министерството на својата веб-страница објави и снимки од пресретнувањето од страна на турските авиони.
Турција претходно издаде порака до морнарите дека до 11 септември ќе се одржуваат воени вежби северозападно од Кипар.