Утрински Весник
Македонија

Пендаровски: Во новата Влада очекувам да видам луѓе со силни проевропски и демократски капацитети

Пендаровски: Во новата Влада очекувам да видам луѓе со силни проевропски и демократски капацитети

Од новата Влада очекувам целосно спроведување на ЕУ агендата во клучните области, рекол претседателот Стево Пендаровски кој денеска учествуваше и се обрати на Вебинар на тема „Геополитичките проблеми на Западен Балкан среде Корона криза; Евроатлантска перспектива“ организиран од Алумни асоцијацијата Маршал Центар на Република Северна Македонија, во партнерство со Маршал Центарот од Гармиш и Секторот за јавна дипломатија на НАТО.

„Основниот предуслов за успех е да се соберат највештите личности, без оглед на нивната политичка или етничка припадност. Очекувам да видам луѓе со силни проевропски и демократски капацитети, со чисти антикорупциски записи“, рекол Пендаровски.

Тој оценил дека недостатокот на ЕУ перспектива секогаш ги поттикнува алтернативните политички агенди и дека за време на пандемијата видовме многу вакви примери.

Пендаровски рекол и дека пандемијата од Ковид-19 фундаментално го промени целиот свет и предизвика огромен негативен ефект.

„Го посочи и притисокот врз нашиот здравствен систем, за кој рече дека беше исто така огромен, но за среќа ние не допревме до горните граници на неговите капацитети и успеавме да избегнеме колапс на националниот систем“, соопштија од Кабинетот на Пендаровски.

Претседателот се осврнал на дезинформациите и хибридните кампањи поврзани со Ковид-19 и нивното искористување и злоупотреба.

„Во ‘океанот од лоши вести’ добра вест беше што станавме членка на НАТО во март, што без сомнение е клучен стратешки чекор напред што го направи Северна Македонија во целата своја пост-комунистичка историја“, рекол Пендаровски.

„Тоа ни овозможи да ги искористиме механизмите за координација на НАТО и официјалните билатерални врски со другите земји-членки, со цел подобро да се подготвиме за кампањата на дезинформации која беше засилена кога влегувавме во предизборниот период“, истакнал тој.

Говорејќи за предизвиците со кои се соочува регионот, како и ЕУ во услови на корона-кризата, Пендаровски порачал дека регионот има потреба да има европска перспектива. Претседателот  изразил очекување дека оваа есен ќе се постигне напредок во процесот на пристапување во ЕУ.

Извор: makfax.mk

Можете да прочитате

Конгресот го избра новиот состав на Централниот одбор на СДСМ

Мицкоски: Посакувам СДСМ да наликува на конструктивна опозиција

Филипче: Следува нов почеток и пресвртница во делувањето на СДСМ