Премиерот на Јапонија, Шинзо Абе, ќе се консултира со лекарите пред да ја извести јавноста за својата здравствена состојба на прес-конференција.
Јапонската јавност е загрижена за здравјето на Абе, откако тој беше во една болница во Токио двапати во текот на две недели заради медицински прегледи.
Консултациите со лекарите би можеле да значат уште една посета во болницата, или тие би можеле да се направат по телефон, пренесува „Ројтерс“.
Локалните медиуми известуваат дека се очекува Абе да зборува на прес-конференција за начинот на кој јапонската влада досега управуваше со пандемијата на коронавирусот.
Една од неодамнешните посети на Абе во болницата траеше седум и пол часа, но премиерот не откри детали, велејќи дека сака да се погрижи за своето здравје, но и да даде максимум на својата функција.
Барајќи да ги открие дилемите за здравјето на Абе, еден од неговите блиски политички соработници за „Ројтерс“ изјави дека изгледа подобро отколку што изгледал во средината на август и веројатно ќе продолжи да ја врши премиерската функција до крајот на неговиот мандат, кој истекува во септември следната година.