Утрински Весник
Свет

Хрватска меѓу првите пет земји во ЕУ по бројот на заразени, за три дена ја напуштиле 60.000 Словенци

Хрватска меѓу првите пет земји во ЕУ по бројот на заразени, за три дена ја напуштиле 60.000 Словенци

Според Европскиот центар за превенција и контрола на болести (ECDC), Хрватска е меѓу првите пет земји на ЕУ во однос на бројот на заразени на 100.000 жители. Имено, во последните две недели во Хрватска има 65,3 случаи на инфекција на 100.000 жители.

Хрватскиот национален штаб објави дека во последните 24 часа регистрирани се 219 нови случаи на инфекција со коронавирус, а две лица починале. Бројот на активни случаи во земјата во моментов е 2.231, а меѓу нив се и 167 хоспитализирани пациенти, од кои деветмина се на респиратор.

Во однос на ситуацијата во ЕУ, Шпанија е на прво место, со 175,7 нови случаи на 100.000 жители. Следува Малта со 123,6 нови случаи, Луксембург со 94,2 нови инфекции и Романија со 86,4 нови случаи на 100.000 жители.

Летонија има најмал број на нови случаи на 100.000 жители, односно 2,3. Следат Унгарија со 4,7 новозаразени, па Финска со 6,1 и Естонија со 8,8 нови случаи на 100.000 жители.

Поради ситуацијата во Хрватска, околу 60.000 Словенци ја напуштиле земјата и се вратиле во својата матична држава во изминатите три дена, со намера да го избегнат задолжителниот 14-дневен карантин, соопшти словенечкиот министер за внатрешни работи, Алеш Хојс.

Потсетувајќи дека рокот што владата им го даде на своите граѓани и странците со постојан престој во Словенија да се вратат дома за да избегнат карантин истече на полноќ во понеделникот, Хојс рече дека голем дел од Словенците се вратиле во предвидениот рок, но дека, според неофицијалните проценки од хрватски извори, во Хрватска има уште 30 до 40 илјади.

Извор: makfax.mk

Можете да прочитате

Обилни снежни врнежи во Турција: Затворени училишта и спасени стотици граѓани

ЕК: ЕУ останува цврсто посветена на итно искоренување на насилството врз жените

Анкета: Повеќето Американци се задоволни од победата и потезите на Трамп при трансферот на власта