Утрински Весник
Македонија

Се разгледуваат три опции во врска со Универзалната сала

Се разгледуваат три опции во врска со Универзалната сала

Претставници на државни и културни институции, здруженија на граѓани од областа на културата, спортот и архитектурата денеска разговараа за моменталната состојба во која се наоѓа Универзалната сала, за нејзината иднина и за потребите на фелата и на публиката, на трибина што се одржа во просториите на МКЦ, а во организација на Град Скопје.

На трибината присуствуваше и градоначалникот Петре Шилегов кој ги слушна идеите и мислењата на присутните.

Модераторот на трибината, советникот во Советот на Град Скопје, Васко Лазаревски, на почетокот предочи дека од Градот се разгледуваат 3 опции во врска со Универзалната сала – постојната сала да се реизгради на истото место; да се изгради нова сала на нова локација, или, во исто време и да се обнови стариот објект и да се гради нова сала.

„Немам цврст став која од трите понудени опции е најдобра. Но, ова е одлична прилика да се слушне ставот на луѓето што ќе ја користат, за да одговориме на прашањето – што точно ни треба“, рече Русе Арсов, директор на Младинскиот културен центар (МКЦ).

Според Роберт Алаѓозовски, националниот координатор за развој на културата, понудената визија на градоначалникот да се зборува за нова локација и нов функционален простор е смела и треба да се поддржи.

„Креирањето на кандидатурата за Европска престолнина на културата 2028, ќе го стави Скопје во еден нов антипод на културната политика која е во склад со европските и светските политики“, рече тој.

„Универзалната сала е симбол на солидарноста каква што е сега, но дали на културната јавност и е потребен таков објект – сигурно не. Во градот под итно треба да се смени мислењето за просторот, ние со оваа Универзална сала која е руинирана ги едуцираме нашите деца на лоша урбана култура. Овој објект не смее да остане долго ваков, зашто Универзалната сала за нас архитектите и за македонската архитектура значење нема“ посочи Мартин Пановски, од Асоцијацијата на архитекти на Македонија.

Мирко Попов од ПМГ Колектив кажа дека сегашната Универзална сала е „ругло на градот“, дека треба да се урне и да се изгради нов објект според најновите стандарди за организирање културни настани.

Според директорот на Универзалната сала, Филип Аврамчев, потребна е нејзина реставрација, но и изградба на нова сала за концерти.

„Две години сум директор на нефункционален објект. На Скопје му фали Универзална сала, но повеќе му фали концертна сала. Мојата идеја е што побрзо да ја реставрираме Универзалната сала, но и да изградиме нова сала за концерти“, рече тој.

Архитектот Ангел Ситновски е на ставот дека граѓаните треба да одлучат дали да се реконструира постојната сала и дали да се гради сала на друго место, архитектите треба да понудат решенија, а Градот да обезбеди финансиски средства.

Својот став по ова прашање го изрази и Оливер Белопета, од Скопскиот џез фестивал.

„Сум организирал најмногу настани во Универзалната сала. Уште од 90-години апелирам да се реши проблемот со ‘лименката’ и да се реши недостигот од летна сцена во Скопје. На Скопје му треба концертна сала со овој капацитет и тоа што побрзо. Тоа треба да го оставиме на стручната екипа во Градот, да одлучат дали има адекватен проект за сала на тоа место“, рече Белопета.

Извор: makfax.mk

Можете да прочитате

Штип остана без струја – наставата во училиштата е прекината

Неработни денови за 2025 година

СДСМ во среда избира нови секретари и потпретседатели: Ќе има ли изненадувања?