Утрински Весник
Свет

Тихановскаја подготвена за преговори со белоруските власти

Тихановскаја подготвена за преговори со белоруските власти

Кандидaтката на обединетата опозиција на Белорусија, Светлана Тихановскаја изрази подготвеност за преговори со власта.

Таа вели дека во Белорусија моментно се одвива мирна и демократска револуција, а не геополитичка револуција.

Во својот говор пред Комисијата за надворешна политика на Европскиот парламент, Тихановскаја ги повика сите земји во светот да ја почитуваат независноста и суверенитетот на Белорусија и изрази подготвеност за преговори со властите во земјата.

„Ја изјавувам нашата подготвеност за преговори со властите. Подготвени сме да номинираме преговарач. Подготвени сме да го разгледаме посредувањето на меѓународните организации заради полесен дијалог“, рече Тихановскаја.

Светлана Тихановскаја се приклучи на дебатата за Белорусија во Комисијата за надворешна политика на Европскиот парламент со видеоврска од егзил во Литванија.

Таа рече дека нејзината земја е во криза откако се фалсификувани изборните резултати и дека најмалку шест демонстранти билеа убиени, а десетици исчезнале..

Таа наведува дека најголемите протести во историјата на земјата се одржале во неделата во Белорусија, на кои, како што проценува, се собрале 200 илјади луѓе.

„Белорусија се разбуди. Ние веќе не сме опозиција. Сега сме мнозинство. Она што се случува е мирна револуција“, рече Тихановскаја.

Таа, исто така, оценува дека револуцијата во Белорусија не е геополитичка револуција, како што гледаат некои во светот.

„Тоа не е ниту проруска ниту антируска револуција. Ниту против ЕУ, ниту за ЕУ. Тоа е демократска револуција“, рече кандидатката на белоруската опозиција на последните претседателски избори.

Говорејќи пред Европскиот парламент, Светлана Тихановскаја го истакна стремежот на белорускиот народ слободно да ги избере своите лидери и да одлучува за својата судбина.

„Слободни и фер избори се наше едноставно барање и слоган на народот во Белорусија“, потенцира Тихановскаја.

Таа рече дека Белорусите „покажале во претходните две недели на мирни протести дека нема да попуштат и нема да се откажат и ги повика сите земји во светот да го почитуваат суверенитетот и интегритетот на Белорусија.

Извор: makfax.mk

Можете да прочитате

Aвион на DHL се урна врз двокатна куќа во Литванија

Независниот кандидат Калин Георгеску е најверојатно новиот претседател на Романија

Се урна товарен авион врз станбен кварт во близина на аеродромот во Вилнус