Американскиот државен секретар Мајк Помпео изрази надеж дека Иран ќе ги следи стапките на Обединетите Арапски Емирати и ќе воспостави дипломатски односи со Израел, пренесува „Џерусалем пост“.
„Очекувам дека светот ќе го види Израел како вистинска еврејска татковина и ќе сфати дека ќе постои. Не изоставам ниедна земја од мојата заложба еден ден светот да признае дека тоа е вистинската работа за нивната земја – и би го вклучил и Иран тука“, рече Помпео.
Тој се сретна со израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху, министерот за одбрана Бени Ганц и со министерот за надворешни работи, Габи Ашкенази, на разговори за договорот со ОАЕ и за можните договори за нормализација на односите со другите арапски нации.
„Не би можел да кажам кога и кои земји, но мислам дека и другите нации ќе видат дека има огромна корист од врските – од дипломатска, економска и од безбедносна перспектива. Мислам дека другите нации ќе сфатат дека тоа е вистинскиот потег и патот што ќе доведе до стабилност на Блискиот исток“, рече тој.
Во замена за дипломатските врски со ОАЕ, САД побараа Нетанјаху да ги одложи своите планови за примена на суверенитетот врз делови од Западниот Брег. Ефектите од оваа одлука ќе бидат појасни кога Нетанјаху ќе се сретне со принцот Мохамед бин Зајед и со претседателот Доналд Трамп за потпишување на договорот во наредните недели.
Помпео не сакаше да одговори директно дали верува оти Саудиска Арабија на крај ќе ги нормализира врските со Израел.
Тој додаде дека придобивките од договорот за ОАЕ вклучува размена на разузнавачки информации, како и механизам за реализација на мировниот предлог на Трамп.
„Ние сме посветени на одржување на безбедноста на Израел. Ништо од тоа не ги спречува Палестинците да забележат дека Израелците се подготвени да разговараат и да преговараат и дека нашата визија за мир дава разумна основа за да се почне тој разговор. Палестинците веќе не можат да стават вето на рационализација на врската и на нормализирањето на односите меѓу Израел и другите земји“, рече тој.