Римската болница Спаланзани од денеска почна на луѓе да ја тестира вакцината против коронавирус. Производството би можело да почне на пролет ако тестот се покаже успешен.
Вакцина ќе примат 90 луѓе одбрани меѓу 3 илјади доброволци, кои се пријавиле за тестирање, пренесе словенечката агенција СТА.
Првиот доброволец веќе ја примил вакцината во болница специјализирана за заразни болести. Сите доброволци ќе добијат по 700 евра за вакцинацијата.
„Интелигенцијата и науката на нашата земја работат кон глобалната борба против ковид-19“, рече италијанскиот министер за здравство, Роберто Сперанза, пренесува италијанската агенција Анса.
Вакцината е развиена во Италија од страна на компанијата „РеиТера“, со седиште во Кастелорано, во близина на Рим, во соработка со минхенската компанија „Леукокаре и Универселс“ со седиште во Брисел. Според првичните истражувања, тој го стимулира развојот на антитела и активноста на клетките на имунолошкиот систем. Осум милиони евра се издвоени за развој на вакцината.
„ Ако сè оди според распоредот, се надеваме дека производството ќе започне напролет. Првиот волонтер што ја прими вакцината утрово ќе биде под надзор на тим лекари четири часа, а потоа ќе се врати дома и ќе биде набљудуван 12 недели“, објасни директорот на болницата Франческо Ваја, додавајќи дека следните двајца волонтери ќе ја примат вакцината во среда. Сите 90 ќе бидат вакцинирани во наредните 24 недели.
Втората и третата фаза на тестирање, најверојатно, ќе се спроведат во Латинска Америка каде вирусот се шири брзо, додаде директорот на болницата Спаланзани.