Утрински Весник
Македонија

Филипче: САД потврдија дека се најсериозен стратешки партнер и во здравствениот сектор

Филипче: САД потврдија дека се најсериозен стратешки партнер и во здравствениот сектор

Министерот за здравство, Венко Филипче и амбасадорката на САД во Република Северна Македонија,Кејт Мари Брнз, вчера беа во посета на Институтот за јавно здравје. Поводот за посетата е донацијата во тестови, центрифуга и кабинет за биосигурност, во вредност од 12.000 американски долари која оваа институција неодамна ја доби од амбасадата на САД.

Во присуство на директорот на установата Шабан Мемети, тие направија обиколка низ Лабораторијата за вирусологија и молекуларна дијасностика, како и низ претходно донираната лабораторија за вирусологија со трет степен на биосигурност од страна на американската амбасада во вредност од 500 илјади американски долари. Оваа недела, американската амбасада и Институтот за јавно здравје се согласија за модификација на проектот со кој ќе се зголемат капацитетите за тестирање на институтот за 10-15%.

Министерот Филипче упати благодарност до амбасадорката Кејт Maри Брнз за несебичното залагање уште од почетокот на кризата, кога добивме огромна помош, прво во заштитна опрема, материјали, а понатаму и во медицинска опрема за Инфективната клиника и заштитна опрема специфично за Клиниката за гинекологија и акушерство.

„Соединетите Американски Држави потврдија дека се нашиот најсериозен стратешки партнер не само во другите сектори, туку и во секторот здравство. Ова е продолжение на една соработка којашто трае веќе подолго време. Во изминатиот период целосно е реновирана Клиниката за неврологија, целосно нов блок во Психијатриската болница во Демир Хисар. Сега се во тек градежните активности на Клиниката за максилофацијална хирургија. Во следниот период ќе започнат градежните работи за реконструкција на Клиниката за хематологија. САД сериозно придонесуваат во зајакнување на нашиот здравствен систем. Она што денеска е завршено, финализирано е реновирањето на дел од лабораторијата во рамки на Институтот за јавно здравје. Лабораторијата којашто почна со првите тестови за детекција на коронавирусот, кајшто беше најголемиот притисок од сите пациенти ширум нашата држава. Започнаа со 20 тестови на ден, а сега се прават и до 1200. Сериозно е зајакнат овој капацитет. Благодарение на целосното реновирање помогнато од амбасадата, за првпат во нашата земја ќе имаме кабинет со биосигурност ниво 3. Ова ќе биде уште едно зајакнување, уште еден чекор напред во квалитетот на здравствената услуга која што се дава и во технологијата на работа. Во оваа лабораторија, од почетокот на пандемијата немаше ниту еден инфициран вработен здравствен работник, строго се придржуваат до сите стрикни протоколи за да се направи една ваква реконструкција и да се постигне трето ниво биосигурност во делот на микробиологијата. Им честитам на сите вработени, на директорот Шабан Мемети, на раководителот на лабораторијата Голубинка Бошевска за пожртвуваната, практично 24 часа работа на ден од почетокот на кризата. Благодарност до амбасадорката Брнз се надевам дека оваа соработка ќе продолжи и понатаму“, потенцираше министерот Филипче.

Амбасадорката на САД Кејт Мари Брнз истакна дека голема е честа што ја има шансата да ги посети реновираните микробиолошки лаборатории и констатираше дека работата која ја имаат сработено експертите, професионалците и техничките работници во овие простории е круцијална и многу важна, помагајќи и на Владата да одговори на пандемијата.

„Она што го видовме денеска е исклучително импресивно и чест ми е да кажам дека дополнителните капацитети кои резултираа од ова реновирање, доаѓаат од соработката на Американската амбасада, канцеларијата за одбрамбена соработка, министерството за здравство и Институтот за јавно здравје. Работевме заедно чекор по чекор за да ги утврдиме временските одлуки за круцијалните проекти кои ќе помогнат да се подобрат капацитетите за тестирањата во државата.” – рече амбасадорката Брнз.

„Во 2018 година, почна реновирањето на вирусолошките лаборатории на Институтот за јавно здравје финансирано од Командата на Соединетите Американски Држави. Упатувам огромна благодарност за севкупната поддршка. Во овие моменти со справувањето со ковид кризата, лабораториите се навистина зајакнати и на пациентите им ја даваме потребната здравствена заштита“.- истакна при посетата директорот на ИЈЗ д-р Шабан Мемети.

Извор: makfax.mk

Можете да прочитате

Скопје никако да се спаси од загадувањето, повторно во топ 10 најзагадени градови во светот!

Д-р Јовановски на подкаст ЗРАК: Има различни методи на реконструкција по мастектомија

Кузмановска: Хема – Онко нуди поддршка за лицата заболени од канцер