Јаја Туре смета дека мора да се постават прашања за иднината на Пеп Гвардиола во Манчестер сити по нов неуспех во Лигата на шампионите, велејќи дека е „време за промени“.
Каталонскиот тренер беше именуван на чело на „граѓаните“ во 2016 со главна цел да се донесе европска слава на „Етихад“, откако претходно успеа да ја освои Европа со Барселона. Сепак, по поразот од Лион во четврт-финалето, Туре, кој помина осум години во клубот (2010-2018) вели дека мора да се постави прашањето за иднината на Гвардиола во тимот.
„Менаџерот беше донесен токму за тоа, да го донесе овој трофеј и кога ќе видите како Ливерпул и други тимови кои успеваат во Европа без многу потрошени пари, тоа е разочарувачки и пред сè многу чудно. Во моментов тој не го прави тоа за што беше донесен. Сите знаат дека Пеп е голем менаџер, но во моментов работите не одат најдобро и можеби промената е добра работа. Ќе видиме“, вели 37-годишниот Туре, кој е без клуб по заминувањето од кинескиот Кингдао хуангхаи во јануари.
Тој имаше конфликт со Гвардиола во Барселона и во Сити и пред две години изјави дека мислењето дека Каталонецот е еден од најдобрите тренери во историјата е само „мит“.
„Пеп сака да доминира и да има верни играчи кои му лижат од раце. Мене тоа не ми се допаѓа. Секогаш го почитувам тренерот, но не така. Другите нема да го признаат тоа, но многумина го мразат бидејќи манипулира и се игра со твојата глава. Тој не ми зборуваше, а јас зборувам каталонски, шпански и англиски. Би требало да биде доволно“, изјави во 2018 Туре.
> Туре пак контра Гвардиола: Време е за нов тренер во Манчестер сити <