Од Институтот за трансфузиона медицина информираат дека се обезбедени вкупно 75 единици конвалесцентна плазма за третман на пациенти заразени со Ковид-19. Повикот за дополнително и континуирано дарување на крвна плазма е активен, а оваа установа е достапна во секое време за сите донори.
„Благодарни сме на сите пациенти кои доброволно донираа плазма. Ги повикуваме сите излекувани пациенти да се пријават преку електронскиот формулар на веб-страницата на Институтот, со директно јавување, како и преку социалните мрежи да даруваат и со ова да помогнат на нашите пациенти да го победат вирусот“, изјави директорот на Институтот, д-р Седула Усеини.
Лицето кое што сака да дарува ковалесцентна плазма треба да има документиран лабораториски доказ дека било болно од Ковид-19, да има два негативни теста во рок од 24 часа, да биде минимум 21 ден без симптоми, по што се прави дополнителен тест (трет) за да се потврди дека нема присуство на вирус. Исто така, вклучително на протоколите ќе биде земен и примерок за одредување на концентрација и/или титар на неутрализирачки антитела Anti-SARS-CoV-2.
Конвалесцентната плазма содржи антитела против овој вирус создадени од човечкиот организам за сузбивање на болеста. Тие создадени антитела се присутни во плазмата и истите со дарување на конвалесцентна плазма може да се користат во сузбивање на болеста во друго лице со ковид-19.Да им помагаме на оние кои во моментов се борат со коронавирусот. Да донираме ковалесцентна крвна плазма, соопшти Министерството за здравство.
ЛИНК за формулар за донор на COVID-19 ковалесцентна плазма.