Утрински Весник
Спорт

Баварската „машина“ против (пре)богатите Парижани за европската титула

Баварската „машина“ против (пре)богатите Парижани за европската титула

Импресивниот Баерн Минхен ќе игра за својата шеста европска титула против богатиот и опасен Пари Сен-Жермен во „мега-финале“ во Лисабон, откако Баварците со 3:0 го победија Лион во второто полуфинале од Лигата на шампионите.

„Четата“ на Ханси Флик влегува во ова големо финале како мал фаворит, посебно по „застрашувачките“ 8:2 против Барселона во четврт-финалето, но и поради искуството кое го има најпопуларниот германски клуб. Сепак, во борбата за трофејот од другата страна ќе биде тим полн со супер-ѕвезди, предводен од Нејмар и Килијан Мбапе, двајцата најскапи фудбалери на светот, кои се гладни за својата прва европска „ѕвездичка“.

Против Лион, тим кој успеа да ги елиминира гигантите Јувентус и Манчестер сити на патот до полуфиналето, патникот во финалето беше одлучен во првото полувреме, благодарение на фантастичниот оваа сезона, Серж Гнабри, кој постигна два гола и покажа дека сезоната 2019/20 е негова најдобра во кариерата, што не е лошо за 25-годишниот Германец, кого во Арсенал го сметаа за неталентиран и „вишок“ во клубот, а сега има вкупно 9 гола во 9 меча од Лигата на шампионите оваа сезона.

Во 18. минута, Гнабри имаше фантастична соло акција, и од работ на шестнаесетникот упати „бомба“ која голманот Антони Лопеш едноставно не можеше да ја фати. Во 33. минута, по една мешаница пред голот на Лион и обидот на Роберт Левандовски, Гнабри се најде на вистинско место за да „забие“ за 2:0. Овојпат Баерн можеби не успеа да стигне до осум гола, но тоа не значеше дека тие не се трудат – имаа над 65 отсто од поседот на топката, пред Роберт Левандовски во 88. минута постигна гол за печат на победата.

> Баварската „машина“ против (пре)богатите Парижани за европската титула <

Извор: Makfax

Можете да прочитате

Ѓоковиќ рутински се пласираше во четвртфиналето на Олимписките игри

Француската триатлонка Богран го освои златото на Олимписките игри

Надал и Алкараз се пласираа во четвртфиналето во двојки на олимпискиот тениски турнир