Претседателот на Белорусија, Александар Лукашенко, изјави дека е убеден дека Западот ги финансира уличните собири и немирите во таа земја.
На седницата на белорускиот Совет за безбедност, Лукашенко ги повика водачите на западните земји, кои денес се состануваат за да разговараат за ситуацијата во Белорусија, да се фокусираат на проблемите во нивните земји.
„Би сакал да ги советувам: пред да го вперат прстот кон нас, на агендата на своите состаноци треба да ги стават прашањата за „жолтите елеци“ во Франција и ужасните немири во САД. Сакам тие да ги разгледаат протестите против мерките за изолација поради коронавирусот во Германија и во други европски земји“, рече Лукашенко.
Тој на состанокот на Советот за безбедност, на кој присуствуваа и водачите на регионот преку видеоврска, рече дека Белорусија сè уште се соочува со тешка социјална и политичка ситуација, пренесе ТАСС.
Масовните протести на опозицијата започнаа низ Белорусија на 9 август по претседателските избори, на кои ги победи актуелниот претседател Александар Лукашенко.
Опозицијата не ги признава резултатите од изборите и за победник ја смета Светлана Тихановскаја.