Утрински Весник
Свет

Инфектолог од Сингапур: Мутираниот коронавирус е позаразен, но помалку смртоносен

Инфектолог од Сингапур: Мутираниот коронавирус е позаразен, но помалку смртоносен

Мутацијата на новиот коронавирус кој станува сè почест во Европа, а кој неодамна е откриен и во Малезија, веројатно ќе биде позаразна, но исто така и помалку смртоносна, рече Пол Тамбијах, истакнат лекар од Сингапур, специјалист за заразни болести.

Тамбијах е виш советник на Националниот универзитет во Сингапур и претседател на Меѓународното здружение за заразни болести со седиште во САД и вели дека мутацијата D614G е откриена и во Сингапур.

Лекарот рече дека има докази дека ширењето на мутацијата D614G во Европа се совпаднало со падот на стапката на смртност, што според него укажува дека е помалку смртоносна.

Тој додава дека мутацијата веројатно нема да влијае на ефективноста на потенцијалната вакцина, и покрај спротивните предупредувања од некои здравствени експерти.

„Можеби е добро што вирусот е позаразен, но во исто време и помалку смртоносен“, рече Тамбјах за „Ројтерс“, објаснувајќи дека повеќето вируси обично стануваат помалку вирулентни по мутирањето.

„Во интерес е вирусот да зарази што е можно повеќе луѓе, но не и да ги убие, бидејќи вирусот зависи од неговиот ’домаќин’ на чии клетки се прицврстува. Бидејќи тие самите немаат клеточни делови, тие зависат целосно од механизмот на создавање енергија и протеини на клетките на домаќинот“, рече тој.

Научниците ја откриле мутацијата уште во февруари, кога, според Светската здравствена организација, циркулирал во Европа и Америка. СЗО исто така објави дека нема докази дека мутацијата резултирала во потешка форма на болеста.

Извор: makfax.mk

Можете да прочитате

Пукање во фан зона во Калифорнија, eдно лице убиено

ЕУ ќе даде пет милиони евра помош за областите погодени од земјотресите во Венецуела

Иран нападна цели поврзани со американските сили како одговор на американскиот напад