Атлетико Мадрид мораат да одат на „Енфилд“ за да направат чудо, да бидат аутсајдери пред големите мечеви, но кога се фаворити тогаш потфрлаат, посебно кога против себе го имаат најталентираниот млад тренер на светот, Јулијан Нагелсман, вели популарниот шпански весник „Марка“, посочувајќи дека победата на РБ Лајпциг покажува зошто Реал детално ја следи кариерата на Нагелсман.
Според проценката на „Марка“, 33-годишниот Нагелсман убаво го проучил системот на Диего Симеоне и неговиот цврст тим на Атлетико и детално го „размонтирал“. Кога мечот заврши, Германецот знаел дека кога сака може да пристигне на „Бернабеу“ доколку Зинедин Зидан реши да замине.
„Марка“ вели дека иако РБ Лајпциг е „мултинационален“ тим, Нагелсман ги тера да играат со типична германска арогантност, каква што во минатото ги „ограби“ Јохан Кројф, Лионел Меси и Диего Марадона од светските титули.
И кој точно е Јулијан Нагелсман, најмладиот тренер кој стигнал до полуфинале на ЛШ, кој со своите 33 години е помлад од активните фудбалери како Лионел Меси и Кристијано Роналдо?
Нагелсман е роден во Ландсберг ам Лех, мало градче во Баварија во близината на Аугзбург на 23 јули 1987 година, и фудбалот му е во крвта од мали нозе. Тој играше како централен бек во академиите на Аугзбург и 1860 Минхен и во резервните состави на двата тима, но ја прекрати кариерата на само 20 години поради постојани повреди на коленото.
Потоа тој решил да студира бизнис, но по само четири семестри се префрлил на спортска наука и тренинг, завршувајќи ги студиите како втор најдобар студент. Тој кратко работеше под Томас Тухел, неговиот следен противник во полуфиналето како тренер на ПСЖ, пред да се пресели во Хофенхајм како асистент на Тим Визе во 2012/13.
Следната година беше префрлен во У-19 тимот на Хофенхајм освојувајќи ја младинската титула, пред во февруари 2016 да биде претставен во првиот тим. Тој стана најмладиот тренер во историјата на Бундеслигата со само 28 години. Хофенхајм беа на 17. место на табелата со седум поени зад зоната за испаѓање, за на крајот да избегне испаѓање за еден поен.
Во 2016/17 тој ги крена Хофенхајм до четвртото место и до квалификациите за Лигата на шампионите. По уште една успешна сезона, Ред бул го донесоа Нагелсман во Лајпциг.
И покрај годините, Нагелсман се смета за еден од најдобропоткованите тактички тренери на светот. Тој ги именува Пеп Гвардиола, Арсен Венгер и секако, Жозе Мурињо како свои инспирации, иако признава дека Тухел имал клучна улога на почетокот на неговата кариера во Аугзбург.
Неговиот систем не е ригиден, туку е прилагодлив, како против Атлетико, кога со контрола на топката ја сруши силната одбрана на „рохибланкос“, додека во дуелите со Баерн Минхен, ги оставаше нив да ја имаат контролата и напаѓаше со контранапади.
> Јулијан Нагелсман, германскиот супер-тактичар кој е помлад од Роналдо и Меси <