Утрински Весник
Свет

Ким по три недели го укина карантинот за градот Кесонг

Ким по три недели го укина карантинот за градот Кесонг

Водачот на Северна Кореја Ким Џонг-ун денес го укина тринеделниота карантин наметнат на градот Кесонг и околните области.

Карантинот е воведен откако маж кој се вратил од Јужна Кореја минатиот месец имал симптоми на коронавирус.

Ким ја објави таа одлука на седницата на Политбирото на која се дискутираше за пандемијата на коронавирус и за реакцијата на поплавите и обилните дождови што ја зафатија земјата, пренесува „Ројтерс“, повикувајќи се на севернокорејската агенција КЦНА.

Ким истакна дека посилните гранични контроли треба да останат во сила и им нареди на заедниците да не прифаќаат никаква надворешна помош поврзана со минатонеделните поплави.

„Ситуацијата кога ширењето на коронавирусот се влошува, бара од нас да не прифатиме никаква надворешна помош за да се отстранат штетите, како и за затворање на границите да биде посилно“, рече Ким.

Од друга страна, Министерството за обединување во Сеул објави дека ќе продолжи да се обидува да обезбеди хуманитарна помош за Северна Кореја како резултат на поплавите, пренесува Јонап.

„Ќе продолжиме да ја следиме ситуацијата во Северна Кореја во деловите погодени од поплавите“, рече портпаролот на министерството Чо Хеј Сил.

Минатонеделните поплави оштетија 39.296 хектари засадени со поледелски култури, додека 16.680 домаќинства и јавни згради низ целата земја беа поплавени и уништени, а оштетени се бројни патишта, мостови и железници.

Извор: makfax.mk

Можете да прочитате

Зеленски верува дека војната ќе заврши во 2025 година

Путин потпиша закон за отпис на кредитни долгови за учесниците во специјалната воена операција

33.000 домаќинства во Франција останаа без струја поради невреме