Директните и индиректните последици од вториот ТАТ, односно пропаѓањето на „Еуростандард банка“ значат дваесетина милиони евра кои ќе останат необештетени, нов бран на отпуштања од работа и стечај на фирми и клиенти поврзани со банката, рече на денешната прес-конференција Гордана Димитриеска Кочоска, претседател на Комисијата за материјално финансиско работење на ВМРО-ДПМНЕ.
„Според одредени информации, непокриени, односно пари кои нема да бидат обештетени остануваат дваесетина милиони евра“, рече претставничката на ВМРО-ДПМНЕ и напомена дека под директен ризик со пропаста на банката се 55 илјади граѓани кои од таму примаат пензии и социјална помош.
Димитриеска Кочоска предвиде огромна штета и за македонска пошта која, како што рече, работи преку системот и услугите на Еуростандард банка.
„Следува нов бран на отпуштања, 170 вработени од Еуростандард банка остануваат без работа, под ризик се и неколку стотина вработени во македонска пошта што работеа на платниот промет.
Второ, освен Еуростандард банка сега и македонска пошта ќе се соочи со ликвидносни проблеми затоа што ќе немаат редовни приливи.
Трето, под ризик за стечај се и најголемите клиенти на Еуростандард банка чии депозити сега се замрзнати, а прашање е и дали ќе бидат наплатени.
Четврто, со пропаѓањето на Еуростандард банката ќе се продава и недвижниот имот стекнат од аферата Фиком каде пак се оштетени десетици други семјества чиј пари се проневерени во аферата“, рече претставичката на ВМРО-ДПМЕ и јавно запраша дали во целиот случај е вмешана и политика, односно дали некој од владата знаел за ситуацијата какви мерки презел во однос на истата.