Утрински Весник
Свет

(Видео) Претепани млади Белоруси мораа да ветат пред камера дека повторно нема да протестираат

(Видео) Претепани млади Белоруси мораа да ветат пред камера дека повторно нема да протестираат

Протестите во Белорусија продолжија во средата вечер, четврта вечер по изборите на кои победи претседателот Александар Лукашенко, а кои демонстрантите и опозицијата ги сметаат за наместени.

Самото Министерство за внатрешни работи призна дека полицијата во градот Брест, покрај вообичаените солзавец, гумени куршуми и шок-гранати, пукала и со огнено оружје кон демонстрантите и дека еден демонстрант е застрелан.

Исто така, Министерството вчера објави дека 6.000 демонстранти се уапсени во три ноќи на протести. Утрово, сепак, објави дека се уапсени уште 700 демонстранти преку ноќ, со што вкупната бројка достигна скоро 7.000 – во земја со помалку од 10 милиони луѓе.

Белоруската телевизија објави и снимки на некои од уапсените демонстранти, од кои некои се крвави и со други видливи повреди. Полицајците ги прашуваат пред камера дали сè уште сакаат револуција.

Видеото, кое исто така беше објавено од аналитичарот Алекс Кокчаров на Твитер, покажува млади момчиња и девојки со лисици на рацете, прво свртени кон ѕидот, а потоа кон камерата.

„Во Белорусија, државната телевизија ги прикажува очигледно исплашените уапсени демонстранти. Тие веројатно биле претепани пред јавно да ветат дека нема повторно да учествуваат во протести против Лукашенко. Ова се случува во Европа во 2020 година. Едноставно е страшно“, напиша Кокчаров под видеото.

 



Извор: makfax.mk

Можете да прочитате

Ужас во Австралија: Воспитувач силувал 60 девојчиња, бакнувал и бебиња – Осуден е на доживотен затвор

Путин загрижен за безбедноста на Трамп: Се надевам дека ќе биде внимателен

Сибирски студ во Централна и Источна Турција со температури 20 степени под нулата