Утрински Весник
Економија

Агенција за супервизија: Одземањето на дозволата на Еуростандард банка нема да влијае на стабилноста на осигурителниот пазар

Агенција за супервизија: Одземањето на дозволата на Еуростандард банка нема да влијае на стабилноста на осигурителниот пазар

Во врска со објавената вест дека НБРСМ ја одзела дозволата за работа на ЕУРОСТАНДАРД БАНКА АД Скопје, Агенцијата за супервизија на осигурување ја информира јавноста дека осигурителниот пазар останува стабилен и развојот на настаните околу горе споменатата банка нема да влијаат негативно врз ликвидноста и солвентноста врз работењето на осигурителните компании.

„Фактите велат: според последните податоци, вкупната актива на осигурителниот сектор изнесува 26,4 милијарди денари. Осигурителниот сектор го сочинуваат 16 друштва за осигурување, од кои 11 вршат работи на неживотно осигурување, а пет вршат работи на осигурување на живот. Само четири друштва за осигурување имаат парични средства и депозити во Еуростандард банка, а вкупната вредност изнесувала 31 милиони денари, што претставува 0,1% од вкупната вредност на активата на осигурителниот сектор.

Средствата кои осигурениците ги уплатиле по основ на премии во друштва за осигурување се вложени во инструменти и пласмани почитувајќи ги принципите на диверзификација и нивната вредност на 30.6.2020 година изнесува 14.742.452.987 денари. Во депозити во банки и парични средства на сметки во банки се наоѓаат 4.691.078.198 денари што е околу 32% од вкупната вредност на сите вложувања кои друштвата за осигурување ги направиле од средствата на осигурениците. Од овој износ, во Еуростандард банка на 30.6.2020 се наоѓаат пласмани на две друштва за осигурување во вкупен износ од 24.446.041 денари, што претставува 0,5% од вкупната вредност на вложувањата во депозити во банки“, се вели во соопштението.

Според агенцијата, вкупната вредност на средствата со кои располагаат друштвата за осигурување, а се од други извори, односно капитал и останати обврски, изнесува 11.645.170.177 денари. Од нив, во депозити во банки и парични средства на сметки во банки се 1.485.690.994 денари, или скоро 13%. Од овој износ, 6.624.875 денари се вложени од страна на две друштва за осигурување во Еуростандард банка, што претставува 0,4% од вкупната вредност на вложувањата во депозити во банки и парични средства на сметки во банки.

„Во текот на 2019 година, АД за осигурување ЕУРОЛИНК Скопје доби нов сопственик, односно австриската осигурителна група ГРАВЕ од Грац ги купи сите акции издадени од ова друштво за осигурување од претходниот сопственик, кој е сопственик на банката. Оттука, ова друштво за осигурување не е во сопственичка поврзаност со банката, и не постои ризик од пренесување на обврските од банката на друштвото за осигурување.

Заклучокот што се добива од изнесените факти ја потврдува констатацијата дека не постои никаков ризик дека отворањето на стечајна постапка на Еуростандард банка ќе влијае на исполнувањето на обврските на друштвата за осигурување кои произлегуваат од договорите за осигурување ниту пак ќе се одрази суштински на профитабилноста и солвентноста на друштвата за осигурување“, се додава во соопштението.

Извор: Makfax

Можете да прочитате

Дурмиши: Oд март 2025 зголемување на минимална плата

УПОЗ не отстапува од барањето за покачување на минималната плата на 450 евра

Се подготвува новогодишната кошничка: Околу 600 производи еден месец ќе бидат по намалена цена