Светската здравствена организација (СЗО) и руските власти разговараат за процес на евентуално тестирање на безбедноста и ефикасноста за нова вакцина против Ковид-19, одобрена од Русија, соопшти денеска портпаролот на СЗО.
Рускиот претседател Владимир Путин денеска соопшти дека Русија е прва земја во светот што дала регулаторно одобрение за вакцина против Ковид-19, по помалку од два месеца минати во тестирања врз луѓе, што во Москва беше поздравено како доказ за вештината на руските научници.
Русија првата одобрена вакцина против Ковид-19 ја нарече „Спутник V“ за странските пазари, што е референца на првиот светски сателит и она што Москва го смета за свој успех бидејќи е прва земја која одобри вакцина против новиот вирус, изјави денеска висок официјален претставник.
„Ние сме во близок контакт со руските здравствени власти и во тек се разговори за евентуална проверка на безбедноста и ефикасноста на вакцината во рамки на СЗО, но ваквиот процес вклучува ригорозен преглед и проценка на сите потребни податоци за безбедност и ефикасност“, рече портпаролот на СЗО, Тарик Јашаревиќ на брифинг во Женева, осврнувајќи се на клиничките испитувања.
Регулаторите низ целиот свет тврдат дека напорите да се добие вакцина против Ковид-19 што е можно побрзо нема да бидат на штета на безбедноста на вакцините.
На руските здравствени работници ќе им биде понудено доброволно да се вакцинираат.
Повеќе од 100 можни вакцини се развиваат низ целиот свет за да се запре пандемијата на Ковид-19. Најмалку четири се во последната, трета фаза на човечки испитувања.