Утрински Весник
Економија

Мицкоски: Банкарскиот и финансискиот сектор тонат, а власта се бори за фотелјите и бизнисите

Мицкоски: Банкарскиот и финансискиот сектор тонат, а власта се бори за фотелјите и бизнисите

Покрај секојдневните театри на Зоран Заев и СДСМ околу формирањето на парламентарното мнозинство, покрај секојдневното занимавање на власта со помалку или повеќе пикантерии, жолт печат и неосновани обвинувања, животот станува се потежок, а економијата влегува во се потешка, поакутна фаза. Ова го изјави на прес-конференција лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.

Како што рече, додека власта ги обвинува граѓаните за повисока цена на струја и ги прекорува дека плаќале повеќе за интернет и телефонија, стотици луѓе живеат со помалку од 50 денари дневно.

„Повисоките цени на електрична енергија не само што го оптоварува животниот стандард туку директно ги прави луѓето посиромашни. И бидете сигурни зад повисоката цена на електричната енергија седат бизнис интереси на семејството на власт. Со кое што подетално ќе се занимаваме следните денови. Она што вистински загрижува е што Владата веднаш по изборите економијата ја доведе во колапс. И тоа е последица на серијата погрешни одлуки, на нерационалното трошење на евробврзницата насочена кон досега најголемиот институционален поткуп за време на изборен процес. Цената се плаќа денес. Бизнисот тоне. Банкарскиот и финансискиот сектор е пред распад. А, власта целокупната енергија ја насочува кон зачувување на своите фотелји и бизниси“, изјави Мицкоски.

Тој оцени дека Македонија е во економска криза, која е најдлабока досега. Во период од шест месеци, индустриското производство споредено со истиот период од 2019-тата година бележи пад од цели 14,6 проценти, рече Мицкоски. Во истиот период, како што посочи,  бројот на работниците во индустријата е намален за 4,4% споредено со лани.

Во однос на стоковата размена со странство, претседателот на ВМРО-ДПМНЕ вели дека извозот за шест месеци бележи  опаѓање за цели 22,3%, а увозот за цели 18,1%.

Тој спомена и дека државниот долг од 4,5 милијарди евра пораснал за  982 милиони евра, или тоа е 8,9% од претпоставениот раст или претпоставенатa вредност на БДП на крајот од годината, во период од три месеци.  Јавниот долг, пак, е зголемен од 5,56 милијарди евра на 6,527 милијарди евра, или за цели 967 милиони евра со тоа што јавниот долг е зголемен за 8,8% номинално, во однос на Бруто Домашниот Производ кој што треба на крајот од годината да изнесува приближно 11 милијарди евра, додава Мицкоски.

 

Извор: Makfax

Можете да прочитате

Стразбур ја обврзува Македонија да ги врати долговите на јавните претпријатија во рок од три месеци

Угостителски услуги во ноември зголемени во однос на минатата година

Бислимоски: Покрај санкциите нема никакви проблеми во функционирањето на Лукоил Македонија