Британскиот премиер, Борис Џонсон, изјави денеска дека повторното отворање на училиштата е социјален, економски и морален императив и уверува дека учениците ќе бидат безбедни и покрај пандемијата на коронавирус.
Џонсон, како што пренесува „Мејл он сандеј“, реагирал на студијата во која се предупредува дека на Велика Британија ѝ се заканува втор бран на Ковид-19 оваа зима, двојно поголем од првиот ако училиштата се отворат без подобрен систем за тестирање и мониторинг.
„Отворањето на училиштата е национален приоритет“, рекол Џонсон.
Медиумите потсетуваат дека училиштата во таа земја биле затворени во март за време на карантинот, освен за децата на оние работници чие присуство на работа било неопходно за функционирање на државата, а во јуни биле отворени за мал број ученици.
„Владата сака сите ученици да се вратат на училиште до почетокот на септември“, додал Џонсон.