Поранешната прва дама на САД, Мишел Обама изјави дека е во почетна фаза на депресија поради пандемијата на коронавирус, расната нееднаквост, но и поради, како што изјави, лицемерието на администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп.
Во втората епизода од својот поткаст, таа изјави дека во моментот има проблеми со спиењето и одржувањето на секојдневната рутина, пренесува британски „Гардијан“.
„Знам дека се борам со некаква форма на блага депресија“, рече Мишел Обама.
Сопругата на поранешниот претседател Барак Обама го кажа тоа во поткаст објавен на „Спотифај“.
„Се будам среде ноќ затоа што сум загрижена или затоа што чувствувам притисок“, вели таа.
Мишел, која сега има 56 години, вели дека поминува низ емоционални подеми и падови што секој ги чувствува и дека тоа се моменти во кои не се препознаваме.
„Ова не е време во кое напредуваме духовно“, додава таа. „Свесна сум дека минувам низ некаква блага депресија“.
„Не само поради карантинот, туку и поради расните немири. И деморализирачки е од ден на ден да се гледа хипокризијата на оваа администрација“.
САД беа сцена на невидени антирасистички протести во последните месеци предизвикани од смртта на црнецот Џорџ Флојд, кој почина откако беше задушен од бел полицаец во мај.