Политичката партија Левица реагира на поскапувањето на струјата, оценувајќи ја одлуката како ненародна. Eеден од предлозите на Левица е укинување на Регулаторната комисија за енергетика и инкорпорирање на нејзините ингеренции во Министерството за економија.
Левица предлага и промена на начинот на функционирање на ЕСМ во однос на продажбата на вишоците, односно ЕСМ да го заштеди водниот потенцијал со целогодишен увоз на одредена количина на електрична енергија по економско прифатлива цена, додека во месеците кога енергијата е скапа да продава од заштедените акумулации, како и мораториум за вработување во овие енергетски компании.
Политичката партија обвини дека еден од главните виновници за поскапувањето на струјата се енергетските политики на вицепремиерот Кочо Анѓушев.
„Изговорот на социјал-демократите дека плаќаме најниска цена за електрична енергија е дрско манипулирање кога над 400.000 жители живеат на работ на сиромаштија и сведочиме масовно иселување поради социјалната беда, корумпираноста и невработеноста! Потенцираме, генезата на сегашното поскапувањето на електричната енергија има своја историја и никако не е само поради причините кои ги наведе РКЕ, кои би предизвикале поскапување за нешто повеќе од 1.5%, а не повеќе од 7%“, велат од Левица.
Партијата ги повикува одговорните да го испитаат работењето на кадровските решенија на Анѓушев, со акцент на одговорниот на Операторот на електропреносниот систем при АД МЕПСО и неговото, како што велат, катастрофално менаџирање со водните ресурси во акумулациите – како и одговорните во ЕСМ задолжени за тендерите за ископ на руда, превоз и ремонти во компанијата.
Левица предлага и итна замена на овие кадри со лица со интегритет и стручност, како и нивна одговорност за штетата која ја предизвикале.