Пентагон сè уште има тајна единица за испитување на неидентификувани летачки објекти (НЛО), а наскоро ќе мора да го објави она што го откриле во нивните истражувања, пишува „Њујорк Тајмс“ во ексклузивен извештај.
Иако Пентагон тврдеше дека ја укинал својата тајна програма за истражување на НЛО уште во 2012 година, се чини дека програмата била само преместена и преименувана. Самото постоење на Напредната програма за идентификација на воздушно-веселенски закани, беше откриено токму од „Њујорк Тајмс“ во 2017 година, пет години откако, наводно, оваа програма била прекината. Програмата била покрената во 2007 година, а еден од нејзините главни иницијатори бил тогашниот претседател на Сенатот, Хари Рид.
Она што е особено интересно е дека дел од истражувањата во рамките на оваа програма ќе треба да бидат објавени во рок од 180 дена од донесувањето на законот за авторизација на разузнавачки податоци.
И додека некои лица вклучени во програмата се надеваат дека ќе се обелоденат докази за вонземјански летала за кои се шпекулира со децении, главниот фокус е сè уште на тоа дали станува збор за напредна технологија од ривалски воени сили, пишува „Њујорк Тајмс“.
Сенаторот Марко Рубио, претседател на Комисијата за разузнавање на Сенатот, коментираше за Си-би-ес дека е особено загрижен за НЛО кои се забележани како летаат над воените бази на САД – особено поради можноста Русија или Кина да направиле некаков технолошки скок што им дозволува таков вид на активност…
„Можеби има некое здодевно објаснување за тоа. Но, ние мора да откриеме“, додаде Рубио, инаку познат како „јастреб“ меѓу американските пратеници, односно застапник за воени интервенции и одржување на американската воена супериорност во светот.
Меѓутоа, поранешниот директор на програмата за НЛО и поранешен службеник во военото разузнавање, Луис Елизондо потврди дека тој и неколку други поранешни владини функционери и научници веруваат оти објекти чие потекло не може да се утврди навистина паднале на Земјата, а додаде и дека нивните остатоци биле однесени на анализа.
Елизондо, кој поднел оставка во 2017 година, по 10 години на чело на програмата за НЛО, смета дека програмата повеќе нема да се крие во сенка и дека ќе добие нова транспарентност.
Ерик В. Дејвис, астрофизичар кој работел како консултант за програмата за НЛО на Пентагон од 2007 година, тврди дека анализата на некои од пронајдените материјали не успеала да го идентификува нивниот извор.
„Такво нешто е невозможно сами да направиме“, вели Дејвис во однос на откриени остатоци од вселенско летало, притоа мислејќи на човештвото во целина.
Теориите за НЛО, кои досега претежно спаѓаа во областа на алтернативни и псевдо-научни истражувања, добија нов моментум и внимание во јавноста откако Пентагон пред неколку месеци официјално објави неколку снимки од блиски средби на американски воени авиони со НЛО.