Утрински Весник
Македонија

Велковска од Советот на Град Скопје: Недозволиво е болнички паркинг да се наплаќа

Велковска од Советот на Град Скопје: Недозволиво е болнички паркинг да се наплаќа

Активистката за заштита на животни и животна средина и членка на Советот на Град Скопје Драгана Велковска, испратила барање до Советот да ја повлече од денешната седница точката за усвојување на одлуката за измена и дополнување на Ценовникот на услугите што ги извршува ЈП „Градски паркинг”-Скопје.

„Недозволиво е болнички паркинг да се наплаќа. Болничкиот паркинг мора да биде бесплатен за сите – и за вработените и за пациентите и нивните блиски бидејќи здравјето е основно човеково право. Недозволиво е во ек на пандемија да се злоупотребува ситуацијата во која поголем број на луѓе ќе бидат принудени да го користат паркингот на болницата и на тој начин со умисла да се профитира од туѓата несреќа“, вели Велковска.

Таа вели дека имајќи предвид дека во болница луѓето не одат од задоволство, туку од мака и имајќи предвид дека болните најчесто не може да се донесат до болница на велосипед или со јавен превоз, а такси е надвор од финансиските можности на многу наши сограѓани со оглед на енормната стапка на сиромаштија, бара одлуката да биде повлечена од предлагачот. Понатаму, од Управниот одбор на ЈП Градски паркинг, Велковска бара да усвои одлука со која ќе се обезбеди бесплатно паркирање на сите болнички паркинзи и за медицинскиот персонал и за пациентите и нивните блиски.

„Ни претстои нов бран од пандемијата, а се предвидува и светска финансиска криза. Најмалку што Градот е должен да направи во ваква ситуација е да носи солидарни и хумани одлуки со кои на скопјани ќе им покаже дека стои до нив, не наспроти нив“, наведува таа во барањето.

Извор: makfax.mk

Можете да прочитате

Давкова: НУБ „Св. Климент Охридски” е амбасадор на македонската културна историја и чувар на македонскиот идентитет

СЕОУГС Васил Антевски Дрен, Скопје – лауреат за Европската награда за иновативна настава (EITA) за 2024 година

НИ СЛЕДУВААТ УМЕРЕНИ ДО ЈАКИ МРАЗЕВИ: Температурите ќе се спуштат дури и под -10 степени!