Во пресрет на претседателските избори во САД во 1995 година, Бил Клинтон ја повикал босанската влада предводена од муслиманите да направи територијални отстапки за да се стави крај на војната.
Тоа го откриваат документите од 1995 година, објавени од претседателската библиотека, кои зборуваат за настаните во БиХ за време на војната што траеше три години.
Декласифицираните документи од тој период и интервјуата со некои од учесниците ја одразуваат решеноста на Бил Клинтон и неговиот тим за надворешна политика да најдат решение за тригодишниот конфликт по секоја цена пред да започне неговата сериозна претседателска кампања во 1996 година – дури и ако тоа значи наградување на водачите на босанските Срби за нивната политика на етничко чистење дарувајќи им ја нивната цел – отцепување, пишува „Гардијан“.
Записниците од телефонските разговори на Клинтон со светските лидери откриваат дека тој повторил дека е разочаран што силите на босанските муслимани не успеале да ја сочуваат Сребреница. Во меѓувреме, неговиот советник за национална безбедност, Ентони Лејк, станал главен оперативец за спроведување таен план за завршување на војната во Босна.
Спроведувањето на планот на Клинтон започнал неколку недели пред падот на Сребреница и вклучувал постигнување мировен договор што ќе ја подели Босна на два приближно еднакви ентитети. Федерацијата на муслимани и Хрвати требала да добие нешто помалку од половина од државата, додека Американците размислувале да извршат притисок врз муслиманската страна да се согласи Србите во Босна да одржат референдум за отцепување од БиХ во рок од две до три години по завршувањето на војната.
Во случај да не успее, планот бил да се повлечат мировните сили на ООН, да се стави крај на ембаргото за испорака на оружје во БиХ и да се обезбеди воздушна поддршка на муслиманско-хрватските сили во борбата против Србите. Планот на Клинтон предвидувал прво разговори помеѓу американската администрација и претставниците на Сараево, со цел да ги убедат во отстапки по падот на Сребреница, што вклучувало можност за одвојување на РС од БиХ.
„Ако босанските муслимани не можат да ги убедат босанските Срби дека нивната иднина лежи во реинтеграција во БиХ, нема смисла да се блокира мирно раздвојување на заедничката држава, по чехословачкиот модел“, се вели во доверливиот документ од 1995 година објавен од претседателската библиотека на Бил Клинтон.
Во разговорите со Жак Ширак, Клинтон се пожалил и на босанската армија, која избегала наместо да се бори против Србите.
На крајот, САД и нејзините сојузници се согласиле да заземат став за последната муслиманска енклава во источна Босна, Горажде, заканувајќи се со голема одмазда доколку бидат нападнати. Хрватската офанзива врз Србите во западна Босна во август 1995 година ја прецрта мапата и ги принуди Србите на преговарачката маса, без ветување за одржување референдум.
„Гардијан“ исто така пишува дека Клинтон е реизбран за претседател на САД во 1996 година, а документите на Клинтон, сепак, служат како потсетник за тоа колку биле блиску САД да се откажат од Босна.