Секторот за компјутерски криминал при МВР до скопското Основно јавно обвинителство доставил известување со образложение за сите мерки и активности преземени во насока на расчистување на хакерскиот напад врз интернет страницата на Државната изборна комисија (ДИК) на денот на предвремените парламентарни избори.
„Станува збор за DDoS напад кој бил насочен кон страницата https://www.sec.mk/, а кој влијаел на оневозможување на објавувањето на прелиминарните резултати од изборите“, објаснуваат од МВР.
Од таму додаваат дека секторот за Компјутерски криминал и дигитална форензика во соработка со Јавното обвинителство за овој случај ги користи сите механизми за меѓународна соработка со интернет сервис провајдери кои се надвор од домашна јурисдикција, со цел добивање на податоци за корисниците на нивните сервиси.
„Истрагата за овој случај продолжува во насока на утврдување на ИП адресите од каде што е пристигнат нападот, собирање на дополнителни информации за утврдување на нарачателот на овој напад како и утврдување дали имало други причини кои влијаеле или се поврзани со неможноста на објавувањето на прелиминарните резултати“, се наведува во соопштението.