Утрински Весник
Свет

Додека исламскиот свет слави, христијаните прогласија Ден на жалост за Аја Софија

Додека исламскиот свет слави, христијаните прогласија Ден на жалост за Аја Софија

Илјадници муслимани верници се собраа пред Аја Софија во Истанбул утринава, подготвени за првите молитви откако турските власти донесоа одлука богатото христијанско наследство на зградата да биде преиначено, а зградата да биде претворена во џамија, пренесува Би-би-си.

„Муслиманите се возбудени, сите сакаат да бидат на отворањето“, рече гувернерот на Истанбул, Али Ерликаја, додека градот со 18 милиони луѓе се подготвуваше за настанот.

Возбудената толпа, од кои дел ноќеваа пред црквата за шанса да влезат во неа и да го прослават нејзиното претворање во џамија, се собра помалку од 24 часа откако турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган постави плакета за да ја потврди промената на историската зграда, тврдејќи дека тоа е историско и суверено право на Турција. Ердоган често ја користеше дебатата за Аја Софија за да поттикне поддршка за неговата партија со исламски корени.

Одлуката предизвика длабок немир кај православните христијани. Само неколку часа пред првите повици на муслиманските имами, Американската конференција на католички бискупи се приклучи на повикот на Грчката православна црква во САД да се прогласи Ден на жалост поради одлуката.

Епископите на САД (УСЦЦБ) во твит ја објавија објавата за Денот на жалоста, прифаќајќи го повикот од Грчката православна црква упатен до сите христијани и луѓе со добра волја да се приклучат во Денот на жалост на 24 јули за Аја Софија.

Во повикот се бара секоја црква да ги бие своите камбани, секое знаме да се спушти на половина копје, да се прочита Акатист или молитвата на бројаницата.

Пред првата петочна молитва во Аја Софија, Ердоган рецитираше стих од муслиманската света книга, Куранот, пред да се слушне повикот за молитва од четирите минариња на Аја Софија. Али Ербаш, шеф на највисокото религиозно тело во Турција, ја предводеше првата петочна молитва, а двајца имами и четири муезини ќе служат во другите денови.

Колосалната Аја Софија е изградена пред 1.500 години како православна христијанска катедрала и беше претворена во џамија откако Османлиите го освоија Цариград, сега Истанбул, во 1.453 година. Секуларната турска влада во 1934 година донесе одлука да ја претвори црквата во музеј.

 



Извор: makfax.mk

Можете да прочитате

Зеленски верува дека војната ќе заврши во 2025 година

Путин потпиша закон за отпис на кредитни долгови за учесниците во специјалната воена операција

33.000 домаќинства во Франција останаа без струја поради невреме