Утрински Весник
Свет

Трамп испраќа федерални трупи во Сиетл

Трамп испраќа федерални трупи во Сиетл

Американскиот претседател Доналд Трамп испраќа тактички тим од Службата за царина и гранична заштита во Сиетл да биде на стендбај должност во случај да биде потребен на протестите, пренесува „Њујорк пост“.

Тимот е сличен на Тактичката единица за гранична патрола што Белата куќа ја распореди во Портланд, Орегон, потег кој беше жестоко критикуван поради наводната употреба на агресивни борбени тактики на насилните протести.

Овој потег беше изненадување за градоначалничката на Сиетл, Џени Дуркан, која изјави дека разговарала со в.д. секретарот за домашна безбедност, Чад Вулф, и била уверена дека нема планови за распоредување на федералните трупи во нејзиниот град.

„Секое распоредување тука, според мое гледиште, би ја поткопало јавната безбедност“, рече Дуркан.

Сепак, администрацијата посочи дека тимот засега ќе остане во мирување и ќе биде распореден само по потреба.

„Во моментов нема огромно распоредување на персоналот во Сиетл. Секоја употреба на екипи за спроведување на законот ќе вклучува тесна координација со локалната полиција. Нема други градови во земјата кои ги имаат истите закани и немаат локална поддршка за спроведување на законот, како што доживуваме во Портланд “, изјави портпаролот на Министерството за внатрешна безбедност, Алексеј Волторнист.

Трамп во неколку наврати се закануваше дека ќе испрати федерални сили во градовите кои се справуваат со улични протести или зголемено насилство, вклучително и во Њујорк.

Градоначалничката на Чикаго, Лори Лајтфоут, која се противеше на федералните трупи во својот град, објави дека се согласила со плановите на Белата куќа да испрати 200 федерални агенти во градот за да го смири неодамнешниот бран насилства.

Во изјавата, канцеларијата на Лајтфоут рече дека градоначалничката јасно ставила до знаење дека ако има отстапување од најавените мерки, таа ќе ги употреби сите расположиви законски опции за заштита на жителите на Чикаго.

Оваа недела, официјалните лица на Портланд поднесоа барање за забрана за доближување против федералните агенти во градот, тврдејќи дека тие користеле прекумерна сила против демонстрантите и апселе луѓе без доволна причина.

Извор: makfax.mk

Можете да прочитате

Силна експлозија во Бејрут (ВИДЕО)

Исламскиот проповедник во Велика Британија осуден на доживотен затвор за терористичка активност

Камала Харис започна рекламна кампања од 50 милиони долари во претседателската трка во САД