Утрински Весник
Македонија

ССНМ ги осуди нападите и заканите кон новинарката Бурнс

ССНМ ги осуди нападите и заканите кон новинарката Бурнс

Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници остро ги осудува онлајн нападите и заканите по безбедноста на новинарката Мирослава Бурнс.

Таа вчера пријавила до ССНМ низа онлајн напади преку Фејсбук, а следувале по нејзиното објавување на текст за организирање свадба во ресторан во Тетово, што е спротивно за законската регулатива која се однесува на борбата против епидемијата со Ковид-19.

Од ССНМ напоменуваат дека објавувањето на вакви престапи со кои се загрозува јавното здравје е од јавен интерес и новинарите и медиумските работници не смеат да бидат цел на какви било напади и закани поради својата работа.

„Истовремено, ја поздравуваме брзата реакција на полицијата да преземе дејствија за заштита на новинарката на Слободен печат, која по пријавувањето на заканите во полиција доби 24 часовна заштита“, се наведува во соопштението од ССНМ.

Од Синдикатот велат дека овој случај е типична потврда дека нападите врз новинарите и медиумските работници треба да бидат третирани како напад врз службено лице, односно институциите да бидат обврзани по службена должност да преземаат мерки и дејствија.

„ССНМ во партнерство со ЗНМ веќе неколку години ја застапува иницијативата за промена на Кривичниот закон според кој нападите врз новинарите ќе бидат третирани како напад врз службено лице. Очекуваме дека по овој случај, и по низата други кои само оваа година ги регистрираше ССНМ, итно да се пристапи кон овие законски измени. Крајно време е да се заштити новинарската професија како една од клучните професии за штитење на јавниот интерес. Се надеваме дека на новите Собрание и влада, ваквите законски измени ќе им бидат приоритетни по нивното формирање“, велат од ССНМ.

Извор: makfax.mk

Можете да прочитате

Следната недела разговори за зголемување на минималната плата

УХМР: Од петок студен бран во Македонија – се очекуваат поројни дождови

Уште еден земјотрес ја стресе Македонија