Утрински Весник
Свет

Во „Аја Софија“ денеска ќе се одржи првата муслиманска молитва

Турскиот државен совет одобри пренамена на Аја Софија во џамија

Денеска ќе биде одржана првата муслиманска молитва во „Аја Софија“, откако од музеј , по 86 години, повторно е преиначена во џамија. Турскиот претседател, Реџеп Таип Ердоган, исто така, треба да присуствува на молитвата. Тој кажа дека очекува на молитвата да присуствуваат меѓу 1.000 и 1.500 верници.

Министерот за верски работи во Турција, Али Ербас, назначи тројца имами кои ќе ги водат молитвите во возобновената џамија.

Во пресрет на првата молитва, подот е покриен со тепих избран од Ердоган, а мозаиците што претставуваат христијански симболи ќе бидат покриени со завеси за време на молитвата.

Надвор од „Аја Софија“ властите ги одбележаа местата каде на молитвата ќе бидат мажите, а каде жените, а како што е најавено, настанот ќе биде обезбедуван од 17.000 службени лица.

Во пресрет на денешната молитва, неколку патишта до објектот се блокирани.

Државниот совет, највисокиот административен суд во Турција, на почетокот на јули донесе пресуда во корист на групата која сакаше да ја поништи одлуката на Советот на министри од 1934 година „Аја Софија“ да се претвори музеј, бидејќи кај нив постоеле сомнежи за автентичноста на потписот на основачот на современа Турција, Мустафа Кемал Ататурк, на тој документ.

Веднаш по објавувањето на таа одлука, Ердоган издаде указ за претворање на „Аја Софија“ во џамија, објект кој од почетокот на својата историја бил византиска катедрала.

Поранешниот музеј долго време беше симбол на секуларизмот во модерната турска република.

Зградата служела како главна византиска катедрала сè до османлиската победа во 1453 година. До 1934 година „Аја Софија“ била џамија, кога основачот на модерната Турција, Мустафа Кемал Ататурк, го сменил статусот во музеј.

„Аја Софија“ е една од најпопуларните турски атракции и минатата година ја посетиле околу 3,7 милиони туристи.

САД, Европската унија, Русија, УНЕСКО и неколку црковни водачи изразија загриженост за промената на статусот на „Аја Софија“. Турција, од друга страна, инсистира на тоа дека тоа е нејзино „историско и суверено право“.

Ердоган рече дека „Аја Софија“ ќе остане отворена за туристите и влезот од сега ќе биде бесплатен.

Извор: makfax.mk

Можете да прочитате

Русија го подготвува ракетниот систем „Сармат“ за оперативна готовност

На Германија годишно и се потребни 288.000 странски работници

Долниот дом на Парламентот во Австралија го усвои предлог-законот за забрана за користење на социјалните мрежи за деца под 16 години