Амбер Херд го споредува Џони Деп со Д-р Џeкил и г-дин Хајд во низа текстовни пораки до нејзината мајка во 2013 година, во кои таа вели дека срцето ѝ се скршило кога открила дека нејзиниот тогашен партнер станувал насилен под дејство на дрога и алкохол.
Пораките беа читани наглас во четвртокот во Високиот суд во Лондон, каде Херд сведочи во име на издавачите на еден британски весник, „Сан“, кој Деп го тужи за клевета за напис од 2018 година во кој е опишан како тепач на сопругата.
„Тој е луд, мамо. Насилен и луд. Моето срце е скршено дека ова е човекот што го сакам,“ вели Херд во една од текстовните пораки што ѝ ги испратила на мајка си во март 2013 година, кога според неа, Деп бил во бес предизвикан од дрога и алкохол.
„Се чувствувам како да сум во брз воз кој наскоро ќе експлодира, но не сакам да скокнам и да ја оставам мојата љубов зад себе. Јас останувам во возот и покрај тоа што знам дека ќе експлодира“, вели таа во друга порака што гласно ја читаше во судницата.
Нејзината помлада сестра Витни Хенрикез се појави во судот подоцна во четвртокот за да ја потврди својата писмена изјава до судот како сведок.
Хенрикез живеела веднаш до двојката еден период и понекогаш била повикувана да интервенира во нивните расправии. Таа рече дека некогаш била блиска со Деп, кој ја нарекувал „сис“(сестра).
Во писмена изјава, објавена за медиумите кога започна со усното сведочење, Хенрикез рече дека врската помеѓу Деп и Херд била бурна од самиот почеток.
„Амбер и Џони се обајцата многу моќни сили и не можете да натерате ниту еден од нив да прави нешто што не сака“, рече таа.
Енрикез тврди дека го видела физичкиот напад на Деп врз Херд за време на расправија во станот на двојката во Лос Анџелес во март 2015 година. Таа е единствениот сведок во случајот, освен Херд, со сведоштво од прва рака.