Министерството за здравство информира дека на Универзитетска клиника за нефрологија е извршено комплетно реновирање на интензивниот оддел, како и одделите за хронична и акутна дијализа, одделот за трансплантација на бубрег, како и одделот за васкуларни пристапи.
„Со реновирањето е извршена комплетна замена на медицинскиот инвентар, како и инвентарот во помошните простории за медицинскиот персонал, при што е обновена и салата за васкуларни пристапи за пациентите на хроничен хемодијализен програм. Покрај градежните работи, со кои комплетно е променет изгледот на клиниката, направена е целосна замена на болничките кревети и помошна немедицинска опрема. Инаку, во делот на медицинска опрема е набавен нов ЕХО апарат, пациент-монитори за следење витални параметри во единицата за интензивна нега, а извршена е замена на инсталацијата и доводот на кислород. Набавен е и современ хирушки стол и осветлување, а целосно е обновен и инструментариумот, со што значително се подобруват условите како за пациентите, така и за стручниот тим нефролози, кои ги работат сложените процедури, како што се артери-венски фистули, трајни и времени катетери за хемодијализа и слично“, соопшти МЗ.
Во насока на унапредување на третманот на пациентите со бубрежни заболувања, се наведува во соопштението, обезбедени се современи апарати за континуирани методи на хемодијализа за третирање на најкомплексните пациенти со бубрежно затајување, кои бараат интензивна нефролошка нега. Обезбеден е и апарат за процедури за прочистување и замена на плазма кај пациенти со системски заболувања, како што се гломерулонефрити, системски лупус и останати пациенти со комбинирани системски нефролошки, ревматолошки, хематолоши, кардиолошки и пулмонални заболувања, кај кои преземањето на овие терапевтски интервенции се животоспасувачки.
Исто така, велат од МЗ, во тек се подготовки на тимови од нефролози и инфектолози за изведување специфични третман кај најтешките пациенти со Ковид-19 инфекции, кај кои е поставена индикација за лекување на такананаречена „цитокинска бура”, според прифатените светски протоколи.