Германка, добро позната на уметничката сцена во Ирак и постојан поддржувач на масовните антивладини протести, била киднапирана пред уметничкиот центар во Багдад каде што работела, пренесува „Ал Арабија“.
Киднапирањето на Хела Мевис предизвика вознемиреност кај ирачките активисти и другите странци што живеат во земјата, а доаѓа две недели по убиството на истакнатиот ирачки коментатор Хишам ал-Хашими од непознати вооружени лица. Извршителите на тоа дело се уште не се познати.
Мевис била грабната пред „Бејт Таркиб“, уметнички центар во кој работи во Багдад, околу 8 часот по локално време во понеделникот од вооружени лица во две возила, соопштија официјални лица за безбедност и активисти за човекови права.
Премиерот Мустафа ал Кадими вети дека ќе ги совлада вооружените групи, но притисокот врз владата се зголемува во услови на повторени ракетни напади насочени кон американските инсталации, атентати и исчезнувања.
„Ги повикуваме ирачките безбедносни служби сериозно и експедитивно да ја побараат. Исто така, ги молам киднаперите да се погрижат за нејзината безбедност и здравје и да ја ослободат што е можно поскоро“, рече граѓанската активистка Хана Едвар на прес-конференција по исчезнувањето на Мевис.
Германскиот министер за надворешни работи, Хајко Маас, рече дека германското Министерство за надворешни работи формирало кризна работна група за справување со исчезнувањето на Мевис, јави германската новинска агенција ДПА. Маас додаде дека не сака детално да зборува за случајот со оглед на чувствителноста на ситуацијата, но рече дека почнале да бараат решение што ќе ја обезбеди доброосостојбата на киднапираното лице.
Мевис е почитувана личност во Багдад, каде што живее седум години и води уметничка програма за млади Ирачани преку „Беит Таркиб“. Киднаперите на Мевис возеле пикап и комбе.
Али Акрам ал-Бајати, портпарол на полуофицијалната ирачка Висока комисија за човекови права, рече дека сведоците виделе дека Мевис ја киднапирале вооружени лица.
„Таа има добри односи со различни невладини организации во Ирак и со ирачката младина“, рече тој.
Мевис е поддржувач на масовните антивладини протести што избувнаа во Багдад и југот на Ирак на 1 октомври. Десетици активисти и демонстранти беа киднапирани за време на повеќемесечните демонстрации против вооружените групи, неконтролираната владина корупција, лошите услуги и невработеноста.