Утрински Весник
Македонија

Милошоски: Подобро е секој да си ја задржи честа, место таа да биде врамена во плакета

Милошоски: Подобро е секој да си ја задржи честа, место таа да биде врамена во плакета

Дополнувањата на Статутот на ВМРО ДПМНЕ од страна на Централниот комитет претставуваат негова модернизација и заслужуваат да бидат поздравени, напиша на Фејсбук патеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Антонијо Милошоски, po вчерашниот состанок на Централниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ.

Според него, значаен чекор напред во непосредната внатрепартиска демократија е воведувањето на непосреден избор од страна на членството на идните кандидати за општински советници, и идните кандидати за градоначалници. Минатиот труд, личниот углед, довербата кај членството и капацитетот на кандидатот да се носи со обврските на овие позиции ќе добијат на тежина.

„Ограничувањето на мандатите на претседателот на партијата и претседателите на ОК е нов значаен исчекор, со кој за прв пат актуелното раководство на ВМРО ДПМНЕ става до знаење дека долговечноста на партиската функцијата не е цел сама за себе, туку дека партијата има доволно ресурси за редовно освежување на кадровските постави. Ваквиот циклус ќе внесува нова внатрепартиска динамика и кадровски натпревар, што ќе биде значајна демократска алатка за мотивација на активните членови.

Формирањето на Форум на интелектуалци како и Унија на ветерани е многу корисно бидејќи овие две тела се очекува да го зголемат опсегот на делување во рамките на своите целни групи и од истите да се добиваат корисни идеи, проекти и совети.

И за крај, во рамките на секоја партија или држава, сосема доволна чест, обврска и престиж е некој да биде претседател на партијата, на државата, на владата, градоначалник или министер, па затоа титуларните функции “почесен претседател, почесен градоначалник, почесен премиер” и слично, немаат некоја суштинска кадровска улога и подобро е за секого честа да си ја задржи кај членството и граѓаните, наместо истата да биде врамена во плакета“, порача Милошоски, по вчерашниот состанок на Централниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ.

Централниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ на синоќешната седница одлучи да направи измени во статутот на партијата и да ги укине почесните членови и почесните претседатели на партијата. Ова значи дека Никола Груевски не е веќе почесен претседател на ВМРО-ДПМНЕ, но Христијан Мицкоски останува на чело на главната опозициска партија во земјава.

Со измените на статутот, претседателот на партијата, претседателите на општинските комитети и претседателите и членовите на сите органи и тела избрани на конгрес имаат ограничен мандат од четири години, при што максимум на истата функција ќе можат да се задржат три мандати, а за да го добијат третиот мандат мора да се избрани од партиските органи и тела со двотретинско мнозинство. Ова би значело дека Христијан Мицкоски би можел да остане на чело на ВМРО-ДПМНЕ најмногу три мандати од по четири години.

Извор: makfax.mk

Можете да прочитате

УХМР: До крајот на денов сончево и топло, за викенд нестабилно со пороен дожд и грмежи

Ни куќа ни стан, овој министер пријавил само еден џип и скапи часовници

“Трчав низ оган за да преживеам“ – храброто искуство на пожарникарот Александар Тодорчевски