ЈУ Специјален завод „Демир Капија“ денеска доби донација „УВ-гард“ – уред со УВ-зраци за дезинфекција на површини и воздух од вируси и бактерии.
Функционалноста на овој апарат е следна: дезинфицира и површини и воздух, 360 степени наоколу; работи на принцип на зрачење кратка UV-C бранова должина од 254 нанометри; ги убива микроорганизмите кои доаѓаат во контакт со светлината, им ги уништува нуклеинските киселини и ја нарушува нивната ДНК, оставајќи ги без можност да ја вршат својата функција.
Исто така, просторијата што се дезинфицира мора да биде празна, но тоа не е проблем бидејќи уредот се контролира од далечина и го заштитува тој што го ракува, а УВ-зраците допираат до места кои се недостапни и стопроцентно ги елиминираат вирусите и бактериите и на нерамни површини;
За просторија од 40 квадратни метри се доволни околу триесетина минути, а веднаш по дезинфекцијата се чувствува силен мирис на озон.
Досега, „УВ-гардови“ покрај заводот во Демир Капија добија и Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби, Градската општа болница „8 Септември“, Клиниката за очни болести, Клиниката за пулмологија и алергологија, Општата болница Гостивар, Општата болница во Прилеп и Општата болница во Кавадарци.
Овој апарат е донација од македонските иноватори Ивица Поцков и Никола Глигоров.