Поларните мечки ќе изумрат до крајот на векот, ако не се направи повеќе за борбата против климатските промени, предвидува студијата.
Научниците тврдат дека некои популации веќе ги достигнале границите на опстанокот затоа што морскиот мраз на Арктикот се намалува, пренесува „Би-би-си“.
Студиите покажуваат дека падот на морскиот мраз веројатно ќе го намали бројот на поларни мечки, но новата студија објавена во списанието „Климатски промени во природата“ открива кога тоа би можело да се случи, пренесува „Би-би-си“.
Наодите се совпаѓаат со претходните проекции дека поларните мечки веројатно ќе постојат до 2100 година само во неколку популации многу далеку на север ако климатските промени продолжат со истото темпо.
„Поларните мечки веќе седат на врвот на светот; ако мразот замине, тие нема каде да одат“, рече д-р Стивен Амструп, главен научник во Полар берс интернешнал, кој исто така беше вклучен во студијата.
Тој објасни дека прво ќе ги снема младенчињата, кои ќе се раѓаат, но женките нема да имаат доволно телесна маст за да произведат млеко. Месојадите се потпираат на морскиот мраз на Арктичкиот океан за да ловат фоки. Како што мразот се топи, животните се принудени да патуваат на долги растојанија обидувајќи се да најдат храна за да ги прехранат своите млади.
Поларните мечки се наведени како загрозени видови од страна на Меѓународната унија за зачувување на природата (IUCN), а климатските промени се клучен фактор за нивно истребување.