Израелскиот парламент и одобри на тајната служба „Шин Бет“, која е надлежна за заштита на безбедноста на земјата, мерка за следење на мобилните телефони на граѓаните заразени со коронавирус до јануари 2021 година.
Технологијата за набљудување на безбедносната служба „Шин Бет“ се користи повремено за да се следат лицата заразени со коронавирус уште од март, а израелскиот парламент (Кнесет) ја одобри мерката до 20 јануари 2021 година.
Безбедносната агенција ги следи локациите на заразените со коронавирус 14 дена пред да им биде дијагностициран. Овие податоци се користат за да се идентификуваат сите оние со кои стапиле во контакт.
Новиот закон може да се користи само ако бројот на нови дневни случаи надминува 200. Оние на кои им е одредена изолација можат да поднесат жалба доколку веруваат дека податоците се неточни.
Израелскиот парламент му нареди на тамошното министерство за здравство да развие надградена мобилна апликација што јавноста може да ја преземе.
Израел ги отвори училиштата и многу претпријатија во мај, укинувајќи ги ограничувањата што ја намалија кривата на инфекција по делумниот карантин воведен во март.
Во Израел, со 9 милиони население, се пријавени околу 1.500 нови инфекции на коронавирус. Вкупно, земјата забележа 415 смртни случаи.