Српскиот член на Претседателството на БиХ, Милорад Додик, изјави дека поминаа 102 години од злосторствата што над Србите ги изврши Австроунгарија во Првата светска војна и 75 години од геноцидот над Србите извршен од усташкиот режим, кој бил сателит на фашистичка Германија, а Валентин Инцко се уште се обидува да ги спроведува истите политики над Србите, овојпат без оружје, пренесува „Спутник“.
„Историјата очигледно ни се повторува како фарса кога од меѓународниот, неизбран странец слушаме што е агендата, и тоа негова, чиј е нашиот имот, или за одлуките на Врховниот суд на БиХ кој не постои,“ рече Додик прашан за коментар на изјавите на Инцко во интервјуто за виенски „Стандард“.
Додик нагласи дека Инцко не пропушта можност да покаже дека тој не е во БиХ за да го надгледува спроведувањето на Дејтонскиот мировен договор, што му е мандат од тој договор, туку да ја спроведува муслиманската политика, завиткана во европските интеграции, што воопшто и не го крие, пренесува „Срна“.
Тој вели дека да помислел некогаш дека БиХ треба да се интегрира во ЕУ, Инцко би одстапил од тоа место и пред Советот за безбедност на ОН би рекол дека протекторатите не можат да бидат дел од ЕУ и дека тој со своето заминување дава придонес во просперитетот на БиХ.
„Валентин Инцко повеќе сака да остане и за бесна плата да не работи ништо, од време на време да повика на војна за што подолго да остане тука, да дава интервјуа, да излаже по нешто колку да не потсети дека меѓународната управа е се уште тука. А ова не е ни 1918 ни 1945 година,“ заклучи Додик.
Инцко за виенски „Стандард“ изјави дека во БиХ се уште се води војна без пушки односно дека националистите и понатаму се обидуваат да ги унапредат своите воени цели. Тој посочи дека државниот имот се уште не е распределен и дека Милорад Додик изјавил оти се што се наоѓа на територијата на Република Српска ѝ припаѓа на Република Српска иако Врховниот суд одлучил поинаку.