И покрај пандемијата со ковид-19 која трае веќе петти месец, во која некои вработени или останаа без работа или примаат намалена месечна плата, Државниот завод за статистика (ДЗС) евидентира дека во мај годинава просечната плата се зголемила за 4,4 отсто во споредба со истиот месец минатата година, додека, во првите 5 месеци од годинава платата е поголема за 8,2 отсто во однос на истиот период лани.
Во мај годинава просечната исплатена плата по вработен изнесува 26.390 денари, покажуваат податоците на ДЗС. По сектори на дејности, просечната плата во индустријата во мај изнесувала 29.112 денари и таа е поголема за 3,7 отсто во однос на мај 2019 година, а во услуги била 29.065 денари или повеќе за 3,6 отсто од мај минатата година.
Според денешните податоци на ДЗС, индексот на просечната месечна исплатена нето-плата по вработен во мај 2020 година, во однос на мај 2019 година, изнесува 104,4. Зголемувањето се должи, пред сѐ, на порастот на платите на вработените во секторите: информации и комуникации (23,7 отсто), образование (12,3 отсто) и дејности на здравствена и социјална заштита (8,1 отсто).
Исто така, зголемување на просечната нето плата, во однос на претходниот месец, април, е забележано во секторите: информации и комуникации (15,5 отсто), градежништво (5,2 отсто) и финансиски дејности и дејности на осигурување (4,6 отсто).
Наспроти зголемувањето на платите, она што треба да загрижува е продлабочувањето на јазот помеѓу највисоката и најниската просечна плата во земјава. Највисока просечната плата во мај годинава е исплатена на вработените во дејноста компјутерски програми, консалтинг и сродни услуги, 67.936 денари и таа е повисока за 14,4 отсто во споредба со мај 2019 година. Додека најниската плата е исплатена во дејноста производство на кожа и слични производи, 14.255 денари, што е помалку за 7 отсто од платата од мај минатата година.