Наместо да се поднови, возниот парк со увозот на половни автомобили од странство во изминатиов период единствено остарува, односно се зголемува просечната старост на автомобилите во земјава. Податоците на Државниот завод за статистика покажуваат дека просечната старост на патните моторни возила лани била 19,3 години, што е историски најлош резултат од достапните статистички податоци во периодот од 2003 година до денес.
Една деценија претходно, во 2010 година просечната старост на автомобилите во земјава изнесувала 16,3 години, односно возилата што сообраќале по нашите патишта биле за цели три години понови во споредба со денес. Паралелно со ова, Царинската управа на Република Северна Македонија (РСМ) лани регистрираше рекорден увоз на половни возила. Само во 2019 година во земјава влегле 41.479 автомобили „на старо“ од странските земји.
Последните податоци на Царинската управа на РСМ покажуваат дека во првото полугодие од 2020 година динамиката не е променета. Најголем дел од она што е увезено е старо. Од вкупно 11.592 патнички моторни возила увезени во периодот јануари-јуни 2020 година, дури 8.000 се внесени во земјава како половни.
Она, пак, што посебно треба да загрижува е дека расте и бројот на половни дизел возила во земјава, коишто постепено се исфрлаат од возниот парк во западноевропските земји, како големи загадувачи на воздухот.
Собранието на РСМ минатата година ги усвои измените и дополнувањата на Законот за возила, со кои се воведоа еколошки налепници и категоризација на возилата во однос на стандардите што ги исполнуваат. Во меѓувреме, Министерството за економија лани имаше објавено јавен повик за субвенционирање на трошоците за вградување на плински уреди на 800-900 автомобили во земјава, а од владата најавија и субвенции за замена на старите автомобили со нови за граѓаните, но и ова беше протолкувано како „козметичка“ мерка, поради малиот износ на средства што се доделени за оваа намена.