Утрински Весник
Свет

Крената во воздух брана во Кина за да се спасат од поплави

Крената во воздух брана во Кина за да се спасат од поплави

Властите во централна Кина рано утрово ја кренале во воздух браната на реката Чухе во провинцијата Анхуи, по што нивото на водата се очекува да се спушти за повеќе од 70 сантиметри. Според кинеската државна телевизија ЦЦТВ, браната била урната со експлозив, со цел да се ослободи огромна количина вода од неа, поради големите поплави низ целата земја, кои однеле многу животи.

Нивото на водата на многу реки е невообичаено високо оваа година поради обилните дождови. Уривањето на браните и насипите поради испуштање вода беше екстремен одговор што Кинезите го користеа во 1998 година за време на најголемите поплави во кои загинаа над 2.000 луѓе, а беа уништени скоро три милиони домови.

Сезонските поплави погоддуваат големи делови на Кина секоја година, особено нејзините централни и јужни региони, но беа особено сериозни ова лето. Повеќе од 150 луѓе загинаа или се исчезнати во поплавите и лизгањето на земјиштето предизвикано од поројните дождови.

Евакуирани се околу 1,8 милиони луѓе, а директните загуби што им се припишуваат на поплавите се проценуваат на повеќе од седум милијарди долари, соопшти Министерството за вонредни ситуации.

Големите градови досега се поштедени, но загриженоста се зголеми за Вухан и другите метрополи низводно, каде живеат десетици милиони луѓе.

Извор: makfax.mk

Можете да прочитате

Два брода со мигранти се превртеа кај Мадагаскар, 25 лица загинаа

Обилни снежни врнежи во Турција – затворени училишта и спасени стотици граѓани

Хамнеи: Смртна казна за израелските лидери, не само апсење